| |

Општина Прилеп се приклучи на глобалната кампања 16 дена против родово базирано насилство “Обединето -Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата”

Насилството врз жените претставува повреда на основните човекови права и форма на дискриминација на жените, и сите ние имаме должност да делуваме за секоја жена и секое девојче да се чувствува охрабрено и заштитено.

Општина Прилеп се приклучи на глобалната кампања 16 дена активизам против родово базирано насилство која оваа година се одржува под слоганот “Обединето: Инвестирајте за да го спречите насилството врз жените и девојчињата”.

На денешната работилница свое излагање имаа: Александра Димова, Претседателка  на  Комисијата  за  еднакви  можности  при  Советот  на Општина Прилеп, Гордана Велјаноска – педагог од  Меѓуопштински центар за социјални работи Прилеп , Александра Димитриоска – помлад инспектор по општ криминалитет, ОВР – Полициска станица Прилеп и Горан Илиоски – правен советник од ЕХО невладина организација. Денеска градот под Марковите кули блесна во портокалово во знак на поддршка на ставањето на крај за насилството врз жени и девојки.

„Општина Прилеп се вклучува и ја подржува кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство и општата цел на оваа работилница е да се подигне свеста кај жените и девојките кои се соочуваат со ваков тип на проблеми, да знаат каде да се обратат и каква помош да побараат. Комисијата  за  еднакви  можности  при  Советот  на Општина Прилеп се залага за подигање на свеста, учествува во дебати, трибини и работилници, се мобилизираат граѓани со ист проблем и секогаш стоиме на располагање на институциите за поддршка и помош“, изјави Александра Димова, Претседателка  на  Комисијата  за  еднакви  можности  при  Советот  на Општина Прилеп.

Гордана Велјаноска, педагог од Меѓуопштински центар за социјални работи во Прилеп ги сподели следните податоци, „Во 2023 година се пријавени 89 пријави за жртви на семејно насилство. Во 2022 година вкупно се пријавени 140, а во 2021 вкупно се пријавени 150 пријави за жртви на семејно насилство и како што можеме да забележиме имаме пад во пријавите. Се повеќе жени или девојчиња се охрабруваат да го пријават случајот во полиција, но се уште економската зависност на жената, предрасудите од околината се пречка за пријавување на насилството.“

Горан Илиоски, правен советник од ЕХО невладина организација посочува дека треба активно да се работи на подигање на свеста и преку тоа се надминуваат срамот и стигмата и жените во иднина се повеќе се охрабруваат да ги пријавуваат сите форми на насилство.

Денешниот настан е помогнат од ЕУ/Совет на Европа, Ромактед програмата – втора фаза и Општина Прилеп.

Да се обединиме и да делуваме во борбата против родово базираното насилство за побезбедно, поеднаково и просперитетно општество.

Слични Објави