Фолклорни уметници од шест земји на прием во Општина Битола
Учесниците од Мексико, Грузија, Хрватска, Полска, Индонезија и Швајцарија дел од 55. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, денес беа во Општина Битола, каде што го изразија своето задоволство од учеството на фестивалот и благодарноста за исклучителното гостопримство и организација.
На свечениот прием, организиран од заменик градоначалникот Бојан Бојкоски и секретарот на општината Борче Димитровски, странските уметници го пофалија ентузијазмот на публиката, квалитетот на програмата и топлината на битолчани, нагласувајќи дека фестивалот претставува вистинска културна ризница која ја промовира традицијата и поврзува народи од целиот свет.




Од Општина Битола беше истакнато дека изминатите денови градот живееше во духот на културата, исполнет со музика, игри и фолклорни бои од различни земји. Преку „Илинденски денови“, како централен дел од културното лето „БИТ ФЕСТ“, општината продолжува да гради имиџ на град кој ја негува традицијата, но и ја отвора сцената за светски културни вредности.
Директорот на Центарот за култура, Сашо Илковски, се заблагодари за континуираната поддршка од локалната самоуправа и Министерството за култура, посочувајќи дека фестивалот станува сè попрепознатлив и почитуван во меѓународни рамки. Илковски најави дека и во иднина ќе се работи на продлабочување на соработките со странски ансамбли, со цел „Илинденски денови“ да остане амбасадор на македонската култура и духовност.



