|

„НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО“,

Во пресрет на Светскиот ден на лицата со дијабетес – 14 ноември и негово одбележување, во општина Прилеп ќе се реализира трета по ред акција за пошумување под мотото „НЕ БИДИ ТРУПЕЦ, ЗАСАДИ ДРВО“, во организација на „Сина револуција“.



Оваа иницијатива има за цел да го надомести влијанието на медицинскиот отпад кој лицата со дијабетес секојдневно го создаваат, но и да придонесе за обновување на дел од уништените шумски површини во прилепскиот регион. Идејата за проектот произлегла од потребата да се одговори и на здравствените, и на еколошките предизвици.

По успешната реализација на двете претходни акции, каде што беа засадени стотици дрвја, овогодинешната акција продолжува со уште појасно дефинирани цели: зголемување на шумските површини, подобрување на квалитетот на воздухот, зајакнување на биодиверзитетот и подигнување на еколошката свест кај населението. Освен засадувањето на садници, организаторите очекуваат да се поттикне соработка меѓу различни групи на граѓани и институции, поттикнувајќи поголема одговорност и заедништво кон животната средина.

Акцијата ќе се одржи на 16 ноември 2025 година. За сите волонтери е обезбеден организиран превоз од пред Домот на културата „Марко Цепенков“ – поаѓање во 09:30 часот, како и оброк за време на активностите. Организаторите ги повикуваат компаниите, јавните институции, здруженијата и граѓаните да се вклучат – преку донирање садници, логистичка или финансиска поддршка, или со лично учество во волонтерските активности.

Секоја засадена садница е чекор кон поздрава иднина. Со оваа акција испраќаме порака дека и најмалите чекори можат да создадат долготрајни, позитивни промени. Грижата за природата e грижа за нас самите.

Слични Објави