Нова асфалтна подлога за регионалниот пат Демир Хисар – Прилеп

Започна асфалтирањето на регионалниот пат Р2339: Патниот правец Демир Хисар – Прилеп се проширува за поголема безбедност

Мештаните од неколку населени места во Демирхисарско и Прилепско наскоро ќе добијат подобрен и значително побезбеден пат. Во тек се градежните активности за реконструкција и модернизација на регионалниот пат Р2339, кој претставува клучна сообраќајна артерија за поврзување на Демир Хисар со Прилеп и Кривогаштани.

На терен, кај атарот на селото Света, веќе е започнато поставувањето на новиот слој асфалт. Паралелно со тоа, во селата Бараково и Единаковци интензивно се одвиваат земјени работи, проширување на постојниот коловоз, како и уредување на пропустите за атмосферска вода за спречување идно оштетување на коловозот.

Еден од најзначајните сегменти од овој проект е проширувањето на коловозот. Постојната коловозна лента од околу 3,5 метри се проширува на 5 метри, со што драстично ќе се олесни разминувањето на возилата и ќе се подигне нивото на сообраќајна безбедност.

Оваа делница е од витално значење за секојдневниот живот на локалното население, а посебно за жителите од селата Света, Единаковци, Бараково и Граиште. Со оглед на тоа што патот секојдневно го користат земјоделци со тешка механизација, работници и патници, новото сообраќајно решение ќе овозможи заштеда на време, полесно движење и подобра економска поврзаност за целиот регион.

Слични Објави