|

Нов состав на Советот на Општина Битола – Бојан Бојкоски избран за претседател

Денеска се одржа конститутивната седница на Советот на Општина Битола, на која беше верификуван новиот советнички состав. На седницата присуствуваше и градоначалникот Тони Коњановски.



Со седницата претседаваше највозрасниот советник, Јагода Талевска од движењето ЗНАМ, а присутни беа и гости од збратимената општина Стари Град – Белград.

Советниците со едноминутно молчење му оддадоа чест на прерано починатиот советник Зоран Петковски.

За нов претседател на Советот беше избран Бојан Бојкоски од ВМРО–ДПМНЕ. За него гласаа 18 советници, 11 беа против, а 2 воздржани.

Градоначалникот Коњановски во своето обраќање ги повика советниците на заедничка работа и конструктивен дијалог за развој на Битола.

„Очекувам соработка и взаемно почитување… заеднички цели и конкретни резултати за доброто на Битола“, порача тој.

Новиот претседател Бојкоски истакна дека Советот ќе функционира на повисоко ниво и дека нема да има место за навреди и лични пресметки.

„Кога има волја, има и резултати. Ќе успееме само ако сме обединети“, рече Бојкоски.

По седницата, Бојкоски оствари прва работна средба со градоначалникот Коњановски во општинските простории.

Слични Објави