|

Одржана работилница „Будење на заспаниот џин“

Дебатната работилница со наслов „Будење на заспаниот џин“, која се одржа на 09.06.2023 година во просториите на ФИКТ во Битола, ја организираше АГТИС, со сесрдна помош на УКЛО и Претседателот на советот на Пелагонискиот плански регион и градоначалник на Општина Прилеп д-р Борче Јовчески, кој исто така настапи со вевед за институционалната поставеност на ППР.

Заследете нѐ на Facebook и први дознавајте за новостите.


Дебатниот дел го водеше проф. д-р Младен Караџоски, а  имаше 3 воведи, изложени од ректорот на УКЛО проф. Д-р Игор Неделковски, проф. Д-р Бранко Димоски и Александар Цветкоски, а насоките водеа до потенцирање на горливи проблеми и  што е причина, а што ефект на истите.

Како што дискутантите напоменаа, проблеми – колку сакаш!

Задача на работилницата беше да произведе дебатни ставови за формата и есенцијалноста на неминовната потреба за соработката на општините од нашиот регион, со УКЛО, како носител на експертиза, едукации и истражувања во фазите на стратешките и други планирања на општините, за тие да бидат реачни, научно фундирани и корисни.

Оваа соработка не се однесува само на доброто на општините и на УКЛО, туку заради граѓаните, кои треба да се вклучат во општинските процеси на носење одлуки, а за таквата цел е потребно многу повеќе од општинскиот оглас за некаква јавна дебата. Потребни се и претходни податоци, кои треба да бидат пласирани во јавноста, ажурирани и прецизни, за да имаат за што да дебатираат граѓаните, како и научна грижа за производството на таквите податоци, кои дебатата ја подигаат над партиските препукувања. Исто така и обуката на општинските кадри, посебно јавната администрација, за водење на таквите процеси, би требало да биде предмет на ангажман на УКЛО.

На работилницата присуствуваа различни категории „заинтересирани“ (во странство ги нарекуваат „стејкхолдери“), кои, секој од свој аспект, фрлија светло на напластените општински проблеми. Тука беа и професорите на УКЛО и градоначалници и претставници на регионални тела и претставници на општините и граѓанските организации.

На големо задоволство на присутните, дебатата отвори многу теми, кои задираа од правното опкружување, до капацитетот на институциите и од услугите кон граѓаните, до степенот на доверба на граѓаните во институциите. Дебатата се држеше до академскиот тон, но сепак, беше „без ракавици“, затоа што сите присутни посакаа да го „разбудат“ заспаниот џин или Пелагонискиот регион, ако не заради друго, тогаш барем заради намалување на исселувањето на младите од своите градови и села. Оваа болна тема УКЛО ја има како идеја водилка и како модус вивенди за опсежните универзитетски реформи, како што кажа ректорот Неделковски.

После плодната дебата, која збриша и паузи и рокови и во која секој имаше да каже уште нешто, дебатерите дојдоа до прашањето „а колку е стар заспаниот џин“ и открија дека џинот е дете, каков што е и регионалниот развој – како поим и правно воспоставен систем. Така, открија и тоа дека секој човек е  џин – во себе и дека најпрво мораме да го разбудиме „детето во себе“, ако сакаме и да даваме – наместо само да земаме, да бидеме љубопитни – наместо препредени, да бидеме правични – наместо полни со себе, лесно да простуваме – наместо да злопаметиме, да создаваме атмосфера – наместо дерт…. Барајќи ги причините – дебатерите дојдоа и до себе и до својот двор – неместо до комшискиот. Дебатирајќи, истакнаа дека не се совршени и дека секогаш може подобро, дека долгата транзиција сите ги уморила и разочарала, дека патот до личен успех во политиката и институциите имала цена, која е некогаш превисока. Не можеше да се дознае на оваа дебата кој дискутант на која партија припаѓа – ако воопшто припаѓа, затоа што партиските стојалишта не беа релевантни во дискусиите. Едноставно, партиите исчезнаа во дебатата.

Технички гледано, дебатата, покрај погоре споменатите интересни поенти имаше и оперативни заклучоци, презентирани од самите дискутанти. Тие кои ги обврзуваат институциите и другите заинтересирани, а веројатно ќе ги интересираат и граѓаните. Затоа, овој краток рапорт го завршуваме со заклучоците, а самите дебати ќе имате можност да ги гледате на нашата Отворена телевизија (ОТВ), во наредниот период.

Заклучоци од дебатата

Потребни се:

  • И други вакви насочени дебати, кои ќе ги надминат ограничувањата на институциите;
  • Да се стави на повисоко ниво темата за финансирањето на обуките наменети за општините и да се поднесуваат такви проекти, како буџетски трошок;
  • Систем на континуирана едукација на општинските кадри, кој треба и да се изгради и дефинира и да се презентира во напредни форми;
  • Да се зајакне системот на знаење наменет за ЕЛС, започнувајќи со потребите на опшинити за градење капацитет, институционална и правна регулација;
  • Проценка на системот за финансирање на проекти на општините од страна на УКЛО;
  • Општинити да обезбедат повисоки плати за информатичарите, затоа што на пазарот на труд таква е ситуацијата;
  • Обуката мора да влезе во системот на социјалне капитал, кој ќе биде подигнат на недостапно ниво за партиите;
  • УКЛО, базирајќи се на потребите и обемот за планирање, преку сопствени методологии да ги води стратешките планирања;
  • УКЛО да врши едукации за стекнување капацитет на ЕЛС во ИПА системот, било за изработка на проекти и аплицирање, било за водење на проектите, било за проценка на резултати од проектите;
  • Практиканството да се унапреди со вистински инструкции за практикантите на и за ЕЛС, за да биде корисно и да претставува база за иден квалитетен кадар;
  • Потребно  стручно и јавно лидерство, кон кое треба да се стреми и УКЛО, заради формирање („производство“) вистински регионални јавни лидери на мислење;
  • Плански документ за едуации – наменети за ЕЛС, преку план којшто ќе има претходна силна и јасна визија, мерливост и индикатори за ,,учење спрема резултати“
  • УКЛО да развие обуки кои ќе бидат наменети за општините;
  • Огромна е потребата за акредитирање на факултет кој ќе создава високо едуцирани кадри за областа на урбанизмот;
  • Општините да инсистираат на проекти за специфични и кориснички насочени („скроени обуки“) и за стручни и за „меки“ вештини;
  • Обуки за повишување и на моралните и на етичките вредности кај вработените во ЕЛС;
  • Потребите за обуки да се одредуваат во дебата со ЕЛС, а потребно е и  да се подига нивото на свесност за потребата од стручни обуки кај самите вработени, било како итна или секторски насочена „интервенција“. Било во форма на долгорочно или доживотно учење.
  • Анализи од страна на УКЛО за проценка на правното опкружување на општините, проценка на непотребни акти и нивно отстранување, како и укажувања до централните власти за нефункционални закони, колизија на закони и сл.
  • Јавно пласирани визии (или визија) за потребата и резултатите од таквите видови учење, стратешко планирање и приоритизација на програми, проекти и акции, кои би биле „светилници“ за администрацијата на ЕЛС;
  • Осмислување системи и визии за воспоставување „мерит системи“ во институциите во регионот, односно напредување спрема заслуги.

Слични Објави