Кривична пријава против управител од Новаци за измама со документи – РЕК Битола оштетен за речиси 90.000 евра

СВР Битола поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против М.Т. (46) од Битола, управител на приватна фирма со седиште во Новаци, поради сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.



Според информациите од полицијата, пријавениот во април и мај 2024 година, со пречекорување на своите овластувања и со намера да стекне противправна имотна корист, го оштетил РЕК Битола за вкупен износ од 5.453.700 денари, односно околу 88.678 евра.

Истрагата утврдила дека осомничениот извршил неовластена измена на две официјални барања од РЕК Битола – Рудник Суводол, кои биле доставени до неговата фирма за набавка на ролни за јаглен, наменети за репарирање на транспортерска лента.

Тој, според пријавата, ја изменил бараната количина, односно ги преправил оригиналните документи и потоа ги користел фалсификуваните барања како валидни во правниот сообраќај, со што биле набавени гумени прстени во поголема количина од реално побараната.

Случајот е предаден на надлежното Јавно обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошната постапка.

фото: фб на МВР

Слични Објави