| |

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „ЗАЕДНИЦИ СО ИНТЕГРИТЕТ“

Во Општина Битола се одржа воведната средба за проектот „Заедници со интегритет“, чија главна цел е зајакнување на отпорноста на општините кон корупција и промовирање на транспарентноста во локалната администрација. Проектот е финансиран од Владата на Швајцарија, а имплементацијата ќе ја води Националниот демократски институт (НДИ), во соработка со Општина Битола, Советот на Општината, граѓанскиот сектор и медиумите.

Проектот „Заедници со интегритет“ ќе се фокусира на развивање и тестирање на иновативни системи и механизми за подобрување на транспарентноста и отчетноста на локалната администрација. Неговата суштина е во зајакнување на капацитетите на граѓанското општество, медиумите и приватниот сектор за подобро следење на процесите на донесување одлуки и испорачување на услуги на локално ниво.

„Активностите во рамките на овој проект претставуваат значајна поддршка за веќе започнатите реформи во Општина Битола, како што се дигитализацијата на услугите, зголемувањето на транспарентноста и подобрувањето на достапноста до локалната администрација,“ изјави градоначалникот Тони Коњановски.


Претседателката на Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, истакна дека вклучувањето на советниците и нивното активно учество во проектот е клучно за постигнување на значајни резултати кои ќе бидат во интерес на граѓаните.Проектот ќе биде имплементиран во шест општини на државно ниво, меѓу кои и Општина Битола, што ја става општината во првите редови на иницијативите за унапредување на интегритетот и отпорноста кон корупција на локално ниво.

Иницијативата вклучува соработка со различни сектори, меѓу кои граѓански организации, медиуми и приватни компании, кои ќе бидат директно вклучени во мониторингот и оценувањето на процесите за донесување одлуки и испорачување услуги. Главната цел е да се создаде модел на локална самоуправа кој ќе биде транспарентен, инклузивен и пример за другите општини во државата.

Во текот на проектот ќе се реализираат обуки, работилници и консултации со сите засегнати страни, а општината ќе спроведе конкретни мерки за подобрување на транспарентноста, како што се дигитализација на услугите и зголемена достапност до информации за граѓаните.

Слични Објави