|

Историски чекор за фризерите и козметичарите во Македонија – формирани национални секции во рамките на ЗКРСМ

Фризерите и козметичарите во Македонија добиваат нова форма на национално организирање и застапување. По предлог на Управниот одбор, а со одлука на Собранието на ЗКРСМ, донесена на 27 јуни 2026 година, формирани се Национална фризерска секција и Национална козметичарска секција.

За претседател на Националната фризерска секција е избран Александар Куновски, додека со Националната козметичарска секција ќе раководи Верче Каркалашева.

За координатори се назначени Крешимир Здравевски за Националната фризерска секција и Шпреса Селими за Националната козметичарска секција.

Од ЗКРСМ посочуваат дека со формирањето на двете секции, за првпат се воспоставува национална организираност на овие професии во рамките на занаетчискиот систем во земјата. Целта е преку организирано дејствување да се обезбеди подобро претставување на интересите на фризерите и козметичарите, како и создавање услови за нивен професионален развој.

Како главни приоритети се наведуваат заштитата и унапредувањето на интересите на професионалците, подобрувањето на условите за работа, стручното усовршување и размената на искуства.

Националните секции ќе бидат отворени за фризери и козметичари од сите регионални комори. Професионалците од регионалните комори каде што сè уште нема формирано секција ќе имаат можност директно да се приклучат кон Националната фризерска, односно Националната козметичарска секција.

Од ЗКРСМ нагласуваат дека преку членувањето професионалците нема само да ги застапуваат сопствените интереси, туку и потребите и предлозите на своите колеги од регионалните комори. Тие ќе имаат можност да ги пренесуваат информациите за активностите и одлуките на секциите и да учествуваат во процесите на одлучување согласно правилникот на ЗКРСМ.

Во рамките на работата на секциите се најавуваат низа активности, меѓу кои стручни средби, едукации, настани и други форми на професионално поврзување. Целта е да се создаде простор за размена на знаења и искуства, но и за промоција на стручноста, креативноста и мајсторството на македонските фризери и козметичари.

Од ЗКРСМ упатуваат и благодарност до извршната директорка Јелена Спасова за, како што наведуваат, поддршката и ангажманот во обезбедувањето на условите за функционирање на двете секции.

Поддршка за формирањето и работата на секциите е дадена и од претседателот на ЗКРСМ Агрон Фазлији и Управниот одбор.

Со формирањето на Националната фризерска и Националната козметичарска секција, ЗКРСМ најавува нов период на организирано национално претставување на овие две професии, со фокус на професионалното усовршување, заедничкото делување и унапредувањето на условите за работа.

„Пред нас се големи настани, стручни средби, едукации и заеднички активности“, порачуваат од ЗКРСМ, со очекување новоформираните секции да прераснат во значаен центар за поврзување на фризерите и козметичарите од целата држава.

Слични Објави