И пред Нова година бројките се јасни: Македонија е сиромашна држава
И без многу анализа и филозофија, предновогодишното „пребројување“ ја потврдува суровата реалност – Македонија е сиромашна држава, а товарот најмногу го носат децата, младите и работниците.
Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на сиромаштија во 2024 година изнесува 21,9 проценти. Особено загрижувачка е состојбата кај децата и младите до 17 години, каде што ризикот од сиромаштија достигнува 29,5 проценти.
Најранлива категорија се самохраните родители – речиси секое второ такво домаќинство (45,8%) живее под прагот на сиромаштија. Алармантни бројки се забележуваат и кај семејствата со двајца возрасни и три или повеќе деца, каде што 54,8 проценти од членовите се сиромашни.
Сиромаштија и меѓу вработените
Сиромаштијата не ги заобиколува ниту оние што имаат работа. Во 2024 година, 7,9 проценти од вработените се вбројуваат меѓу таканаречените „сиромашни вработени“ – луѓе кои и покрај редовен труд не можат да обезбедат пристоен животен стандард.
Кај пензионерите, стапката на сиромаштија изнесува 12 проценти, што дополнително ја нагласува ранливоста на повозрасната популација, особено во услови на постојан раст на трошоците за живот. Жените се посилно погодени, особено во повозрасната група, каде сиромаштијата изнесува 20,7 проценти, наспроти 19,5 проценти кај мажите.
Минималецот веќе не е тема – платите се проблем
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, оценува дека дебатата за минимална плата од 500 евра е одамна надмината и дека мора да се отвори сериозна расправа за минималец од 600 до 700 евра.
Тој предупредува дека доколку не дојде до зголемување на платите, последиците веќе се видливи – 12.500 македонски работници добиле работни дозволи во Хрватска, што, како што вели, треба сериозно да ги загрижи и Владата и работодавачите.
Нова година со протести и штрајкови?
„Моќта е во работниците и во нивната организираност“, порача Трендафилов, повикувајќи ги сите работници кои сметаат дека нивната плата не одговара на вложениот труд да се приклучат кон ССМ.
Тој најави дека, доколку аргументите не бидат слушнати, новата година може да започне со протести и штрајкови.
„Синдикатите не треба да бидат ниту на власта, ниту во опозиција, туку исклучиво на страната на работниците. ССМ тоа го докажал низ децении – протестирал и штрајкувал против секоја власт кога работничките права биле загрозени“, истакна Трендафилов.
Воедно, тој предупреди на обиди за создавање синдикати кои ја повторуваат реториката на Владата и работодавачите и ја релативизираат потребата од повисоки плати.
„Со синдикати кои се против работниците, тешко може да се гради единство“, порача лидерот на ССМ.


