Македонските лекари изведоа прва трансплантација на менискус

Во Македонија првпат е изведена трансплантација на менискус кај 30-годишен пациент кој претходно имал тотална менисцектомија на медијалниот менискус. Операцијата ја изведе доц. д-р Алан Андоновски, со тимот составен од ас. д-р Милена Богојевска Доксевска, д-р Исмаил Велиу, д-р Теодора Божиновска, д-р Мики Ѓорески, медицинските сестри Билјана Тројановиќ, Сања Тодоровска, Костадинка Вуковиќ и болничарката Ирена Галевска.

Анестезиолошката поддршка ја обезбедија д-р Мики Филев, сестра Злата Апостолоска и Гордана Захариева.

  • „Овој тип на оперативен зафат не би бил можен без постоењето на програмата за трансплантација и алтруистичкото дарување органи од починати дарители. Благодарение на хуманоста на семејствата на донорите, денес уште еден пациент доби подобрен квалитет на живот“, изјави д-р Милена Богоевска Доксевска, болнички координатор за трансплантација на Клиниката за ортопедија.

Националниот координатор за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, истакна:

  • „Изразувам огромна благодарност и почит кон семејството на донорот, како и кон целиот медицински тим вклучен во интервенцијата. Ќе продолжиме со уште поголема посветеност кон подигнување на свесноста за органодарителство и ќе инвестираме во едукација и развој на нови методи во трансплантационата медицина.“

Овој значаен успех претставува важен чекор за македонската трансплантациона медицина и уште една потврда за важноста на хуманоста и напредокот во здравствениот систем.

Слични Објави