Најголемата Бадникова поворка на Плоштадот Магнолија
На најголемата бадникова поворка на плоштадот, децата добија над 1000 празнични пакетчиња од Општина Битола. Овој празник не потсетува на важноста на заедништвото, љубовта и споделувањето – вредности што нè обединуваат и нè прават посилни како заедница. Бадник е момент на тивка подготовка за големиот ден што следува, празник на мирот и светлината, кои го осветлуваат патот во нашите животи.
Денешната Бадникова поворката со неколку илјади учесници започна од плоштадот „Магнолија“, а продолжи до црквата “св. Великомаченик Димитриј” и потоа по Широк Сокак до платото на Офицерскиот дом.
Како дел од свечената програма свој настап имаа нашите учесници на детската Евровизија Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски, детскиот црковен хор св. Стилијан со изведба на црковни псалми и неколку солисти кои за крај ја изведоа песната “Вечниот Бог”.
Свое обраќање пред присутните имаше и градоначалникот Тони Коњановски, кој рече: Нека ни е за многу години денешниот предвесник на Христовото раѓање Бадник, со љубов и радост во срцата, да го дочекаме утрешниот ден, денот на Христовото раѓање, Божиќ. Да си подадеме рака на доверба, почит и љубов. Во очи на Божиќ завршува овогодинешното издание на Зимската приказна која оваа година го исполни градот со многу среќа, радост и детски насмевки изминатите 18 дена. Празниците живеат во Битола”.
Општина Битола подели над 1000 празнични пакетчиња на дечињата кои беа дел од бадниковата поворка.