|

Божик – Обичаи, симболи и современи трендови

Божик е „ден на раѓање на непобедивото сонце“ (25.12 = 07.01), а потоа од IV век се слави раѓањето на Христос. Со реформацијата на календарот во XVIII век започнува да се слави и Новата година.

Кај Словените, како и кај други народи, Божик бил празник првенствено на претците. Од верувањата може да се види дека покрај многубројните обредни дејствија, се очекува и епифанија, односно лично доаѓање на Богот – во куќата. И самото ословување „Дедо Боже” е остаток од паганизмот, а самиот одговор на благословот е „дај боже“, што е остаток од стариот Дајбог.

Порано се верувало дека Божик на децата им се претставува како благ, добродушен старец со бела коса и брада, наметнат со кожув, на криво магаре.  Им се претставува на децата како доаѓа од далечни краишта, и секогаш се очекува неговото доаѓање, пред  да се започне со празнувањето.  Божик доаѓа од југ и оди на север.

„Умирањето“ на стариот бог и појавата на „младиот“ е прастар индоевропски механизам за да се покаже доаѓањето на новиот циклус (година), преку смрт и повторно раѓање. Кај нас е таквата ситуација со Божик и Божиќ (порано велеле „среќен божиќ“), а пред Христијанството тоа бил Сварог и Сварожиќ.

И кај нас Божик се слави три дена. Први ден Божиќ се слаби во спомен на раѓањето на Исус Христос и е исполнет со низа обредни активности кои што се одвиваат во доменот на семејството и црквата, додека другите два дена имаат официјален карактер бидејќи се оди по гости и по имендени.

Прв ден божик се дочекува свечено и “се замрсува”, понекаде со врапче или булаб, со некаква живина или „нешќо лесничко“. Се оди во црква на причест.

Обично, овој ден се седи дома. Во скопско се подготвува погача за кумот (ќурек), јаболка… и се ставаат во убава шамија (како бовчалак). Тој ден домаќинот на овошките – кои раѓаат, им се заканува со секира дека ќе ги сече ако не раѓаат.

Карактеристично за првиот ден на Божиќ е и месењето на питата т.н. „мечкина повојница“ која се меси во некои краишта на Македонија, а особено во Скопско, Кумановско, Радовишко и Струмичко.

Вториот ден се оди на гости и се слави во спомен на праведниот Јосиф кој бил одреден за заштитник на Исус. Одењето на гости е „полазување“ и порано многу внимавале кој прв „ќе ти стапне в’куќи втор ден Божик“. Децата се секогаш посакувани полазувачи, затоа што имаат силна животна енергија, која може да ја пренесат на куќата.

Третиот ден се оди на имиња (Свети Стефан). Понекаде во селата се организира и селска средба, каде званично се честита, но и се говорело за помирувања и исправка на нарушени односи.

Иако не изгледа како важно, чистењето на куќата пред Божик (или пред Бадник) е обреден елемент и служи да се исчистат можните магии – „фрлени“ од некого.

Бадникот, Коледето и Божикот се исто така значајни сточарски празници, која обезбедува плодност и магиска заштита од болести, како преку деланките и гламничките од бадникот, така и преку протерување на стоката помеѓу свеќи – поставени на влезот на шталата (со многу варијанти).

Карактерот на жртва на животно во чест на Бог или демон (спрема календарот, волкот е култното животно) се гледа преку печењето овца на Бадник, која се јаде на Божик.

Во Црквата, после обредот ги омрсувале децата со верување дека „ќе летаат како врапчиња“, а на постарите „да им лета работата“ и да има напредок „како што лета врапчето“.

По причестувањето сите  заминуваат дома и домаќинот тогаш зема од божиќната слама која се става под софрата за Бадната вечер  и оде по нивите и лозјата, за заштита од град и гром (атрибути на Перун).

Христијанска митологија

Во Светото Евангелие Божиќ се слави како еден од најголемите верски празници бидејќи е ден на раѓањето на Исус Христос, но исто така и според важноста која народот му ја придава со изведување и одржување на најразличните магиски обичаи, кои што се поврзани за овој ден.

Божиќ го слават сите христијани и уште рано наутро се упатуваат на божиќна богослужба. На подот на црквата имало послано слама што симболички го преставува раѓањето на Исус во јаслите. По богослужбата попот ги поздравува присутните со Христос се роди, а тие пак со Вистина се роди и тоа до три пати.

Празнувањето на Божик за прв пат се случува во Антиохија во 375 година, а по некои извори во 336 година. Него го вовел Св. Августин, иако и тој го знаел паганското потекло на празникот.

Како најстар пишан споменик за прославата на овој ден  е беседата на Јован Златоуст во државата Антиохија во втората половина на IV век, каде се истакнува дека луѓето во Антиохија почнале да го слават  денот на раѓањето на спасителот.

Се празнува раѓањето на Исус, а кај нас, во народот, се вели дека „Божик и Велигден биле браќа“.

Божиќните празници почнуваат со Божиќните поклади и траат 6 недели.  Оваа драма започнува со благовеста на Архангел Гаврил: „Бог го прати синот свој еднороден да го спаси човечкиот род. И кога се наполнија 9 месеци од благовеста, која на пресвета Богородица и ја соопшти архангелот Гаврил…”

Евангелиската приказна за христовото раѓање вели дека римскиот император Август издал заповед за попис. Јосиф и Марија тргнале од Назерет за да се запишат во Витлеем, бидејќи биле од родот Давидов, но таму немало место за сместување во гостилниците, затоа што биле полни со пописо, па се упатиле каде што овчарите ги доведуваат своите стада и пронашле пештера (Spileon) во близината на градот. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, Марија го родила Христос, немала облека да го преповие и го ставила во јаслите. Силната светлина и бука ги уплашило чобаните, но тогаш чуле глас од небото од ангелот Господов, кој ги утешил, јавувајќи им ја радосната вест: “He бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе, зашто денеска ви се роди во градот Давидов, Спасител, кој е Христос Господ; и еве ви знак: ќе најдете повиен Младенец како лежи во јасли”. Веднаш потоа хорот на ангелите ја запеал песната “Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја” –  по Лука 2/14.

 Житието по Матеј 2/11, ја раскажува и приказната со тројцата мудреци (цареви, „маги“, „предводници на големите племиња“…) од исток на кои за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која што и ги довела до пештерата, движејќи се пред нив кога тие оделе и која што стоела кога тие одморале. “И штом влегоа до куќата, го видоа Младенецот со мајка мy Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, мy принесоа дарови: злато, ливан и смирна (персијанецот Мелхиор,  Арабиецот Гаспар и Мисирецот Валтазар, а тоа се родоначелници на Jафетите, Семитите и Хамитите).    

Иако не е познат точниот датум на раѓањето на Христос, затоа што тоа и не било важно за црквата, која не му придава значење на раѓањето, туку само на воскреснувањето Исусово, на крштавањето, како и на неговиот живот и чудесни дела и поуки, од четвртиот век се зема важечкиот датум по еврејскиот календар, кој приближно паѓа на седми јануари, неспорно е дека евангелиските текстови ја споменуваат ноќта помеѓу сабота и недела, кога Марија го раѓа Исус. На Исус му се поклонуваат овчарите и тројцата мудреци од исток.

Божик се празнува во семејството.

Денес во светот: Она што кај нас е припрема за нова година, тоа е за западот и светот припрема за Божик. Фаворизирањето на Нова година, за сметка на Божик, кај нас е процес воден под дејство на социјализмот, за да се намали верувањето во бога, но и заради „ученоста“, која го отфрла бог како концепт.

Подароци, божикна индустрија, огромна божикна потрошувачка. Овој обичај на божиќна потрошувачка е од шеесеттите години на деветнаесетти век, започнува од њујоршката стоковна куќа “Мејси”, каде први сфатила дека од божиќот може добро да се профитира. Подоцна е смислена и стратегијата на „распродажба“.

Божиќните честитки се јавиле за прв пат во 1843 година во Англија.

–              Божикна елка е германски обичај од 8 век. Потоа презема Англија, каде елката – наместо со свеќички ја украсуваат со бомбони и топчиња од текстил.

Украсите за елка потекнуваат од осумдесеттите години на 19 век. Први такви украси произвела фирмата “Вулсфорд” во УСА. И пред тоа, елките се украсувале со растение. Кое е кај Словените познато како „Божиќнак“, а потоа се поминало и на  украсување на излози, улици и домови, што е поврзано со многуте приказни, кои познатите просветители (како на пр. Браќата Грим) ги пласирале во јавноста, па дури и јавно се читале по плоштадите.

Чорапите за подароци, односно, чорапи – вреќи се темелат на митот за Свети Никола, кој е потоа претворен во Дедо мраз. Дедо мраз – по современата митологија од УСА настанал вака: Св. Никола имал помошник, без име.. и овој, во една прилика, кога сакал на едно дете да му дарува вреќичка со златници, му ги фрла преку оџакот и овие завршуваат во неговиот чорап, кој се сушел до каминот. И во стариот црковен мит, парите, кои Епископот Мириклиски Никола (Св. Никола) сакал да му ги даде на осиромашениот трговец, за да ја омажи ќерката заради љубов, а не за пари (веќе му дал пари преку прозорец – за другите две ќерки), видел дека е прозорецот затворен и овој се качил на куќа и му ги фрлил преку оџакот. Тие паднале во чорапот на девојката.

Божиќните сцени, односно Новозаветната сцена на раѓањето на Исус се нарекуваат Спилеони („пештери“) или „Вертепи“ (по ѕвездата Даница или „Давидовата Ѕвезда“) и се среќаваат многу рано на почетокот од Христијанството.

Други обреди на „Запад“ сe: Заедничка трпеза и мисирка за вечера, Честитки до елката, по пошта, изработка на рачни честитки како врв на грижата и добрата мисла, Утро крај семејната елка и делење подароци, божиќна потрошувачка треска,  традиционални божикни песни – испеани од мали групи пејачи.

Во Бразил, како поранешна португалска колонија има многу божиќни обичаи. Сцената на раѓање на Христос таму се нарекува Пресепио (хебрејски збор за сламен кревет) и се изведува “Миса на петелот”.

Јапонија: Го слават Хотејошо (бог од јапонската митологија).

Во Русија ја слават Бабушка, која не им дала засолниште на тројцата мудреци и од тогаш е осудена да лута и да го бара Христос. Таа ги посетува децата за време на божик и е поврзана со специјален вид панспермија наречена “Кутја”, а се состои во јадење од еден сад жита и афионово семе.

Во Франција ги имаме „Татко Божик“ и неговиот другар “Плескач” (ги тепа немирните деца). Таму подароци се добиваат на шести декември – на Св. Никола. Сите кафеани работат таа вечер и служат оброци од школки, колбаси, печена шунка, вино, салати, овошје, слатки. Божиќен леб се сече и првото парче му се дава на некој сиромав (верување дека Бог ги гледа луѓето преправен како сиромав старец).

НУ. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп
Одделение за социјална и духовна култура
Александар Цветкоски
Кустос – советник

Слични Објави