Отворена 44. Светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“
Во Старата битолска чаршија, на Платото пред Детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ , синоќа, свечено беше отворена 44 Светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“.
На отворањето, покрај другите гости, присуствуваа амбасадорите на Јапонија и Чешка, аташето за култура од Амбасадата на Турција, како и претставници од почесниот конзулат на Црна Гора и претставник на Генералниот конзулат на Бугарија.
Присутните гости ги поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски кој им посака топло добредојде на светската детска ликовна колонија која е еден од најпрепознатливите уметнички симболи на нашиот град – „Мал битолски Монмартр“.








„Оваа манифестација, која со децении наназад ја збогатува културната мапа на Битола, не е само фестивал на детското цртање. Таа е вистинска прослава на креативноста, на младешката имагинација, на културниот дијалог и пријателството меѓу народите. Годинава, горди сме што сме домаќини на повеќе од 150 учесници од 17 држави, кои преку своите бои и линии ќе остават трага во визуелната историја на нашата Битола.
Монмартрот е повеќе од настан – тој е движење што ги обединува различностите преку уметноста. Тоа е простор каде децата, без оглед на тоа од каде доаѓаат, се изразуваат слободно, ги учат вредностите на толеранција, разбирање и меѓусебна почит.
Во денешниот свет, каде понекогаш гласот на младите е премногу тивок, фестивали како овој се важен потсетник дека детскиот поглед на светот е мудар, чист и вреден да се слушне.
Тоа се потврдува и со 43 светска детска ликовна изложба на конкурсот “Битола” 2О25 година на кој за оваа година пристигнаа рекордни 8О.ООО детски ликовни творби на слободна тема од деца и младинци на возраст од 4 до 21 година кои ги пратија над 8ОО приватни и државни школи – младински центри од точно 85 земји од цел свет.
Им честитам на сите добитници на наградите на распишаниот конкурс и посакувам уште многу успешни изданија кои ќе ја слават уметноста низ претставување на културните вредности, за што локалната самоуправа, продолжува да биде силен поддржувач“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.
Во рамките на колонијата ќе учествуваат 150 гости – ученици, професори и родители од 18 делегации од 17 земји, меѓу кои се: Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Чешка, Индија, Израел, Малезија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Русија и региони од Турција (Трабзон и Кајсери).
Колонијата ќе трае до 30 мај и ќе опфати креативно сликање на староградската битолска архитектура, како и еднодневни ликовни посети на Охрид и манастирот Свети Јован Бигорски.


