Најдолгото гласачко ливче е 500 милиметри
Половина метар е најдолгото гласачко ливче испечатено за претстојните Локални избори, кои ќе се одржат на 19 октомври. Вонстандардната должина, предизвикана од големиот број кандидати за градоначалници и советници, ја направи постапката за печатење на избирачкиот материјал една од најсложените досега.
На овие Локални избори, покрај партиските, учествуваат и 69 кандидати за градоначалници и 68 листи за советници од независни иницијативи.
Утрово, со полициско обезбедување, започна дистрибуцијата на целиот гласачки материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до сите Општински изборни комисии (ОИК) низ државата. Со камиони се транспортира доверливиот изборен материјал, кој вклучува испечатени изводи на избирачките списоци, оригинални обрасци – записници за секое избирачко место и општинска комисија, како и сите гласачки ливчиња. Дистрибуцијата ја вршат 17 тимови на Државната изборна комисија (ДИК) со обезбедување од МВР.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека се испечатени вкупно 4.613.438 гласачки ливчиња на ниво на држава, вклучувајќи ги оние за градоначалници и советници. Дополнително, испечатени се 254.262 страници на избирачките списоци, 8.692 записници како доверлив материјал за утврдување на резултатите и 8.330 примероци на Брајово писмо.
На овие избори право на глас имаат 1.832.415 избирачи. Отворени ќе бидат 3.474 од вкупно 3.480 избирачки места, бидејќи во шест од нив нема запишано гласачи, односно нема население.
„Локалните избори се најобемни избори и за овој вид на доверлив материјал се предвидени 48 милиони денари (околу 780.000 евра н.з.), но конечната сума ќе биде објавена подоцна, во зависност од тоа на колку места ќе има гласање во вториот изборен круг“, појасни Кондарко.
Процесот на печатење заврши два дена пред предвидениот рок, а изборниот материјал пред дистрибуцијата беше детално проверен, обезбеден, соодветно спакуван и сортиран.
Вангел Талевски, генерален менаџер на печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, посочи дека локалните избори се најсложената операција поради фактот што содржат 80 Општини (соодветно 80 листи за градоначалник и Совет) плус по 10 листи за градоначалник и Совет во Градот Скопје. Најголем предизвик, нагласи тој, беше големината на гласачкото ливче вон стандардот.
„Најдолгото ливче беше 500 милиметри; тие беа најголеми и најтешки за работа и манипулација“, рече Талевски, додавајќи дека искуството им дало за право да кажат дека успешно го надминале предизвикот.



