Најавено отворање на канцеларија за инспекциски надзор во Прилеп – фокус на концесиите

По одржаната работна средба во општина Прилеп со претставници од општината, градоначалникот Дејан Проданоски, од министерството, државни советници за рударство концесионери , министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска преку објава на социјалните мрежи најави отворање на канцеларија на Инспекторатот во градот, со цел зајакнување на контролата и подобра институционална координација на терен.



Според најавата, новата канцеларија ќе овозможи постојано присуство на инспекциските служби во регионот, побрза реакција при евентуални неправилности и поефикасен надзор врз работењето на компаниите што функционираат на локално ниво.

На средбата биле отворени прашања поврзани со инвестициите, административните процедури, предизвиците со кои се соочуваат концесионерите и доследното почитување на законските и еколошките стандарди.

Во својата објава, министерката порача дека развојот е приоритет, но дека мора да важат јасни правила за сите.

„Во Прилеп имав отворен и директен разговор со концесионерите од регионот. Разговаравме за инвестиции, за предизвиците со кои се соочуваат, но и за нешто што е еднакво важно — одговорноста кон државата, животната средина и граѓаните.

Пораката е јасна: развој – да, но со правила што важат за сите.

Компаниите што вложуваат и работат согласно стандардите се партнери во развојот. Но истовремено, државата ќе биде присутна на терен. Затоа ја зајакнуваме инспекциската контрола и наскоро отвораме канцеларија на Инспекторатот во Прилеп — за поголем увид, фер услови и поголема доверба.

Дијалогот со индустријата продолжува, затоа што само со јасни правила и взаемна одговорност можеме да градиме стабилен и одржлив сектор.

Работиме за економија што создава вредност — и за граѓани што ја чувствуваат таа вредност., наведе таа.

Иако ваквите најави се оценуваат како чекор кон поголема транспарентност и контрола, останува да се види во пракса колку новата канцеларија ќе придонесе кон поефикасен надзор и реално подобрување на состојбите на терен. Експертите посочуваат дека клучен фактор ќе биде капацитетот на институцијата и континуитетот во спроведувањето на контролите.

Слични Објави