|

Социјалната правда започнува локално – Инклузивни локални политики за подобар квалитет на живот во Градско

По повод светскиот ден на Социјалната правда – 20ти Февруари, денес во општина Градско во организација на Здружение Центар за развој и едукација Прилеп се одржа настан “Родова еднаквост, еднакви можности и социјална благосостојба за сите”.



Со говор на претставници на општинската администрација, Советот на општина Градско и граѓански организации се даде потврда дека темите за социјалната правда, родовата еднаквост и социјалната благосостојба не се само декларативни определби, туку заедничка обврска и приоритет на сите чинители во локалната заедница. Овој настан ги обедини институционалниот капацитет, одлучувачката улога на советот и енергијата и искуството на граѓанскиот сектор.

Социјалната правда започнува локално. Таа се гради преку конкретни услуги, преку професионална грижа, преку посветени тимови и преку визија што ги става луѓето во центарот на развојот.

Претставниците на општинската администрација и Советот на општина Градско пред над 60 присутни гости ги споделија општинските програми, потенцирајќи дека општината континуирано работи на унапредување на локалните политики за социјална и здравствена заштита преку развој на достапни, инклузивни и одржливи услуги за ранливите категории граѓани. Во локалните програми се мерки за Обезбедување финансиска поддршка за социјално загроздени семејства, стипендии за ученици, поддршка за талентирани деца, достапност на социјални и социо-здравствени услуги како Помош и нега во домот, лична асистенција, медицинска сестра во заедницата, а од неодамна достапни се нови услуги – физиотерапевтски услуги, како и психолошка поддршка.

Оваа година е зголемена поддршката во областа на детската заштина преку:  бесплатна градинка, еднократна парична помош за новородено дете во износ од 20 000 денари за првородено дете, и 60 000 денари за второродено дете.

Во континуитет е организацијата на настани за будење на свесноста за социјалните и здравствени предизвици во современото живеење.

Во секоја локална програма и мерка, се интегрира роодвата еднаквост, односно принципот на еднакви можности во секоја локална политика, во секој буџетски приоритет и во секоја одлука што ја засега заедницата.

Од спроведената анализа на интегрирањето на родовата перспектива во локалните политики на општина Градско се споделија клучните наоди и препораките за креирање на локални политики и реализација на програми кои ги препознаваат структурните нееднаквости со кои се соочуваат жените во секојдневниот живот, и создаваат услови за еднакви можности.

На овој настан се создаде простор за дискусија за вредности – за правичност, еднакви можности, достоинствен живот и солидарност. Се потенцираше Родовата еднаквост не само само законска обврска, туку морална и развојна потреба. Должност на општината е да ги намали социјалните разлики, да го унапреди квалитетот на живот, да обезбеди еднакви можности и да изгради родово сензитивни политики што ќе создадат општество во кое секој човек се чувствува вреднуван и поддржан.

  • Активноста се реализира во рамките на проектот „Интегрирање на родовата перспектива во локалните политики на општина Градско”  кој се спроведува во проектните активности „Од несвесни за различностите до трансформативни локални заедници кои ја препознаваат различноста и инклузивната еднаквост“ кој го спроведува Сојуз-Национален совет за родова рамноправност (НСРР), Полио Плус – Движење против хендикеп и Асоцијација за демократкси иницијативи (АДИ) со подршка од Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија.

Слични Објави