Средба со амбасадорката на Народна Република Кина во Општина Кривогаштани
Денес, во просториите на Општина Кривогаштани, беше остварена официјална средба со Н.Е. Џијанг Сјаојан, амбасадорка на Народна Република Кина во Македонија.
Средбата помина во пријателска и конструктивна атмосфера, при што фокусот беше ставен на можностите за соработка во областа на земјоделството и образованието – две стратешки области од особено значење за локалниот развој.
Претставниците на општината ги презентираа земјоделските потенцијали на Кривогаштани, како општина со силна традиција во примарното производство, и ја истакнаа подготвеноста за размена на искуства, современи практики и знаења во агросекторот.
Посебно внимание беше посветено и на образованието како клучен фактор за долгорочен развој, при што беа разгледани можности за идна соработка и поддршка на образовни иницијативи насочени кон унапредување на знаењата и вештините на младите.
Од страна на Општина Кривогаштани беше нагласена отвореноста за нови партнерства и иницијативи кои ќе придонесат за развој на локалната економија и зајакнување на образовниот систем.
Амбасадорката Џијанг Сјаојан се заблагодари за топлиот прием и изрази интерес за понатамошна комуникација и соработка во наведените области.
Во рамки на средбата беше предаден и симболичен подарок со особена вредност – банкнота од 2000 денари со мотив на македонската невестинска носија од Кривогаштани (1930), изработена од Светлана Грозданоска.


