Министерството за енергетика ќе дава ваучери до 28.000 денари за инвертер клими за ранливи домаќинства – Оглас за компании
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави јавен оглас за избор на компании кои ќе обезбедуваат високоефикасни инвертер клима уреди во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година.
Со оваа мерка, државата обезбедува поддршка за домаќинствата што спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи, преку доделување ваучери во износ до 28.000 денари по домаќинство. Средствата ќе можат да се искористат за набавка и вградување на инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и со најмалку енергетска класа А+.
Според условите од огласот, цената за купување и монтажа на уредот не смее да надмине 28.000 денари со вклучен ДДВ. Компаниите што ќе бидат избрани ќе треба да гарантираат дека климите ќе бидат вградени на адресата наведена во ваучерот, ќе обезбедат гаранција од најмалку две години од денот на вградување и нема да наплатуваат дополнителни трошоци за инсталација.
Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар кои вршат трговија со инвертер клима уреди. По изборот, Министерството ќе склучи договор со компаниите, а граѓаните кои ќе добијат потврда-ваучер ќе можат истата да ја искористат кај овие правни субјекти.
Образецот на барањето, моделот на понудата и моделот на договорот се достапни на веб-страницата https://energy.gov.mk/mk-MK/odnosi-so-javnost/javni-oglasi/javen-oglas-za-prijavuvanje-subjekti-koi-vrsat-trgovija-na-visokoefikasni-inverter-klima-uredi
По завршување на јавниот оглас, ќе бидат објавени компаниите кај кои ќе може да се набавуваат уредите и листата на корисници што стекнале право на субвенција, по што веднаш започнува процесот на набавка и инсталација. а рокот за доставување на документите е осум дена од објавувањето на огласот.
Целта на програмата е конкретна поддршка за најранливите категории граѓани и намалување на енергетската сиромаштија преку обезбедување поефикасно и поекономично затоплување на домовите.



