Младите фризери донесоа радост во Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“
Денес, по повод неделата на грижа за старите лица, учениците од III-5 од смерот Фризери при СОУ „Ѓорче Петров“-Прилеп организираа посебна активност за старите лица сместени во Домот за стари лица „Киро Крстески Платник“ во Прилеп. Со своите вештини и внимание, учениците ги направија фризурите на старите лица и измамија насмевки на нивните лица.
Активноста беше од големо значење, не само за старите лица, кои беа исполнети со радост и благодарност, туку и за самите ученици, кои се потсетија на важноста од меѓугенерациска солидарност и грижа. Оваа иницијатива е само еден од многуте начини на кои младите ги покажуваат својата емпатија кон постарите, бидејќи веруваат дека секоја насмевка и внимание имаат моќ да внесат топлина во срцата на постарите.
Оваа недела не е само повод за прослава, туку и важен момент да се потсетиме на вредностите на љубовта, почитта и грижата за старите лица, кои заслужуваат да бидат во центарот на нашето внимание и грижа.
Фото – СОУ “Ѓорче Петров„-Прилеп