Прилеп доби Центар за дневен престој на стари лица за активно стареење
Во Прилеп денеска официјално беше отворен Центарот за дневен престој на стари лица за активно стареење, нова социјална услуга што ќе им биде достапна на повозрасните жители од трите општини – Прилеп, Кривогаштани и Долнени.
Центарот претставува значаен чекор кон унапредување на грижата за старите лица и обезбедување похумано, инклузивно и активно стареење. Капацитетот е 48 корисници, кои ќе можат да престојуваат до четири часа дневно и да учествуваат во различни едукативни, рекреативни, социјални и здравствени активности.
Центарот е финансиран од Проектот за подобрување на социјалните услуги на светска банка и Министерство за социјална политика демографија и млади
Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, истакна дека ваквите проекти значат создавање нови можности за повозрасните граѓани и подобрување на нивниот квалитет на живот.
„Се направила програма која треба да им даде една дополнителна активност на овие луѓе кои ни се особено важни за градот Прилеп, за општеството, затоа што тие се причината зошто овој град го добил овој развој кој денес го има“, потенцира Проданоски.
Марина Тошеска од Центарот за развој и едукација – Прилеп рече дека услугата ќе продолжи да се развива со цел постарите лица да добијат поквалитетен и поисполнет живот.
„Како здружение, заедно со сите вклучени соработници, ќе продолжиме и понатаму со оваа услуга навистина да им помогнеме на постарите лица поздраво и поквалитетно да живеат. Ќе им овозможиме програми и активности според нивните интереси, психолошки и здравствени услуги, физиотерапевтски услуги, како и спортско-рекреативни активности со кои ќе се намалува социјалната изолација“, изјави Тошеска.
Директорот на Центарот за социјална работа – Прилеп, Зоран Малковски, појасни дека секој корисник ќе добие решение за користење на услугата, по што ќе може секојдневно да го посетува центарот и да се вклучува во активностите што ги избира.
За успешната долгогодишна соработка говореше и Харолд Фугер, аташе на Австриското Федерално Министерство за социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачи.
„Од малите проекти за воведување социјални услуги, денес дојдовме до воспоставување добри практики и квалитетни услуги. Иако има уште предизвици, ќе продолжиме со поддршката и понатаму“, истакна Фугер.
Градоначалникот на Кривогаштани, Игор Каравилоски, нагласи дека е особено значајно што услугата нема да биде достапна само за прилепчани, туку и за жителите на соседните општини.
„Нашите сограѓани ќе имаат можност овде да се дружат, да се рекреираат, да се едуцираат и да добиваат психосоцијална поддршка од стручни лица, со што ќе се намалува чувството на осаменост и социјална изолираност“, рече Каравилоски.
Просториите за функционирање на Центарот ги обезбеди Општина Прилеп, која учествува и во неговото финансирање. Центарот ќе биде на располагање на повозрасните лица од Прилеп, Кривогаштани и Долнени, со што за првпат ваква услуга ќе опфати повеќе општини од регионот.
Центарот ќе работи секој работен ден од 8 до 16 часот, а заинтересираните граѓани ќе можат да поднесат барање за користење на услугата во Центарот за социјална работа – Прилеп.



