Минималната плата ќе се зголеми на 24.400 денари

Од април, минималната плата во Македонија ќе се зголеми за околу 2.200 денари, достигнувајќи 24.400 денари, најави премиерот Христијан Мицкоски. Ова зголемување е согласно законската методологија за пресметка, а премиерот не ја исклучи можноста за дополнителен раст доколку дојде до договор меѓу работниците и работодавачите.

Најавата предизвика мешани реакции во јавноста. Додека некои ја поздравуваат како чекор напред, други остануваат скептични, посочувајќи дека секое зголемување на платите е проследено со поскапувања. „Добро е што се зголемува, ама и трошоците секој месец растат. Секое зголемување се јаде со поскапувањата“, вели Јасмина од Ѓорче Петров, која 12 години работи во текстилна фабрика за минимална плата. Сличен став има и Александар од Аеродром, кој заработува околу 26.000 денари месечно. „Што со оние што примаат малку над минималната плата? Ако минималецот расте, а останатите плати стагнираат, се создава нова неправда“, предупредува тој.

Дел од економистите сметаат дека ова зголемување е неопходно за подобрување на животниот стандард, но предупредуваат дека доколку не се преземат мерки против инфлацијата, ефектот ќе биде ограничен. Од друга страна, стопанствениците изразуваат загриженост дека ова ќе биде дополнителен товар за малите и средни компании. „Ќе мора повторно да ги прилагодуваме ценовниците, што ќе донесе нов бран на инфлација“, вели сопственик на мала печатница од Чаир. Иако официјалните бизнис асоцијации сè уште не реагирале формално, повеќе работодавачи предупредуваат дека покачувањето на минималецот треба да биде дел од поширока економска стратегија, а не единствена мерка. Социјалните мрежи се преплавени со реакции, од поддршка до сомнеж. Граѓаните очекуваат зголемувањето на минималецот да се реализира како што е најавено, но воедно бараат и дополнителни мерки за стабилизирање на цените и унапредување на вкупниот економски амбиент.

Слични Објави