Опасни карпи над мостот на трасата Фариш–Дреново -Преземени итни мерки за стабилизација
За време на работите на втората фаза од изградбата на експресниот пат Градско–Дреново, на делот Фариш–Дреново, се идентификувани пукнатини на две карпести формации, високи околу 70 метри, од кои едната е лоцирана веднаш над изграден мост на трасата. Локацијата претставува потенцијален ризик поради можна нестабилност на теренот.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), во координација со изведувачот и надзорниот тим, презема активности за стабилизација на косините, како и мерки за заштита од ерозија. Се работи на постепено отстранување на карпестиот материјал преку внимателен и контролирани постапки.
„Овој процес, каде што се врши ублажување на карпите со цел нивна стабилизација, напредува во фази. Кршењето на карпите се изведува со отстранување на мали парчиња, слој по слој, по што ќе следуваат мерки за заштита од ерозија“, изјави директорот на ЈПДП, Коце Трајановски.
Работите продолжуваат со технички надзор и прилагодување на активностите според состојбата на теренот. Надлежните институции нагласуваат дека целта е безбедно завршување на проектот со минимален ризик за инфраструктурата и околината.