|

Трендафилов: Владата не дојде да ја потпише спогодбата за минимална плата од 600 евра

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, утрово во 9 часот во седиштето на ССМ го чекаше претставникот на Владата за потпишување на Спогодбата за утврдување на минималната плата, со која од февруари 2026 година минималната плата требаше да изнесува 600 евра нето, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари.



Но, претставник на Владата не се појави.

„Денеска паднаа маските. Се разобличија лагите што изминативе денови се пласираа за да се создаде сомнеж кај работниците. Денеска тие имаа други приоритети, а јасно се потврди дека зголемувањето на платите не им е приоритет – ниту минималната, ниту останатите плати“, изјави Трендафилов.

Тој потсети дека по големиот работнички протест Владата го прифатила предлогот на синдикатот УПОЗ за зголемување на платите во управата и правосудството, но и покрај тоа, колективниот договор сè уште не е потпишан.

„Само зборуваат, а не делуваат. Денеска требаше да се зголемат платите на вработените во управата за 40 отсто, но Владата не се појави ниту за потпишување на спогодбата, ниту на колективните договори. Бегаат од одговорноста, како што бегаа цела 2025 година“, нагласи претседателот на ССМ.

Трендафилов дополнително предупреди дека обидите за укинување на одредбите од Општиот колективен договор за начинот на пресметка на платите (врз основа на просечна плата и коефициент за сложеност) би значеле директно намалување на платите во јавниот сектор.

„Тоа значи кратење од 21,8 проценти за околу 130.000 работници. Во пракса – да им се земат три парички, а да им се врати една. Тоа е недозволиво“, порача Трендафилов.

Слични Објави