|

Утре е Задушница – Ден за помен и молитва за починатите

Овој викенд православните верници ја одбележуваат Задушница – ден посветен на споменот на починатите. Овој празник секогаш паѓа во сабота, ден кој црквата го определила за помен и молитва за упокоените.

На Задушница, верниците ги посетуваат гробовите на своите најблиски, палат свеќи, принесуваат храна и пијалоци, и учествуваат во црковни богослужби. Во сите православни храмови се служи света литургија и панихида – молитва за душите на починатите. Доколку верниците не се во можност да го посетат гробот на својот близок, панихидата може да се изврши и во црква.

Според народните верувања, душите на покојните на овој ден доаѓаат во светот на живите и бараат спомен, храна и молитва. Заборавањето на мртвите се смета за причина за несреќи и непогоди. Традиционално, се подготвуваат обредни лепчиња, варено жито и се раздава храна во чест на починатите.

Црквата разликува два вида задушници – општи и засебни. Општите задушници се одредени од црквата и важат за сите упокоени верници, додека засебните ги организираат семејствата во спомен на своите покојни роднини.

Оваа Задушница се паѓа една недела пред Прочка – денот на проштевањето, по кој започнува Велигденскиот пост. Поради тоа, овој ден има посебно значење за православните верници, кои преку молитва и помен ги почитуваат спомените на своите предци.

Свештениците потсетуваат дека Задушница е време за духовно сеќавање, љубов и милостина, а не за раскош и гозби на гробиштата, бидејќи суштината на овој ден е молитвата и оддавањето почит на покојните.

Слични Објави