Денеска е Свети Атанасиј Велики – Летен
Двапати во годината го славиме Свети Атанасиј Велики – борецот за вистинската вера
Нашиот народ двапати годишно го одбележува споменот на еден од најзначајните христијански светители – Свети Атанасиј Велики. На 31 јануари се празнува зимскиот Танасовден, а на 15 мај – летниот. И двата празника се длабоко вкоренети во народната традиција и христијанската духовност, а се поврзуваат со култот на светецот кој целиот свој живот го посветил на борбата за вистинската вера.

Свети Атанасиј е роден во Александрија околу 295 година. Се образувал во духот на христијанското учење и извесно време поминал во пустината со Св. Антониј Велики, еден од првите монаси. По враќањето, станал архиѓакон и набргу стекнал углед поради својата мудрост, знаење и говорнички способности. Клучна улога одиграл на Првиот вселенски собор во Никеја (325 година), каде бил еден од најгласните противници на Ариевската ерес. Благодарение на неговото влијание, Соборот ја осудил ересот и го утврдил Никејскиот Символ на верата – темел на православното христијанство.
Но неговата непоколебливост го чинела скапо – бил клеветен, прогонуван и четири пати протеруван од својата архиепископска столица. Цели дваесет години од неговиот долг архиепископски мандат од 46 години поминал во прогонство. Сепак, Свети Атанасиј останал верен на вистината и Црквата. Народот не го почитува само како голем црковен отец, туку и како заштитник од природни непогоди. Во гевгелискиот крај, Танасовден го празнувале и мажите и жените, особено земјоделците, кои се молеле светецот да ги заштити нивните посеви од град. Свети Атанасиј се упокоил на 2 мај 373 година, а неговиот спомен живее и денес – и како спомен на духовниот борец и како дел од нашето народно и верско наследство.



