| |

Македонија со пад од 6 места на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година

Македонија годинава се најде на 42-то место во светот според индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ (RSF), што претставува пад од шест позиции во однос на минатата година. Со тоа, земјата се наоѓа на дното од групата држави оценети како со „задоволителна ситуација“, опасно блиску до премин во категоријата „проблематична состојба“. Во оваа група од регионот се уште само 2 земји, Словенија која напредувала за за 9 места и е 33-та, и Црна Гора погоре за 3 места и е 37-ма, а сите други се во групите со „проблематична“ или „тешка“ состојба. Класификацијата на РСФ опфаќа 180 држави од цел свет.

Овој пад, според експертите, укажува на потреба од посериозни реформи и системска поддршка за медиумите, особено во делот на независноста, безбедноста на новинарите и борбата против политички и економски притисоци.

Извештајот на RSF за 2025 година покажува дека слободата на медиумите е на најниско ниво досега во последните 23 години. Повеќе од половина од светското население живее во земји каде што медиумските слободи се оценети како „многу сериозно загрозени“.

Европа останува најдобро рангиран регион, со Норвешка повторно на прво место, следена од Естонија и Холандија. Сите седум земји кои се оценети како со „добра“ состојба се европски.

Од друга страна, најлошо рангирани се Северна Кореја, Кина и Еритреја, кои ги заземаат последните три места (од 178 до 180).

Извештајот исто така ја нагласува и загрижувачката ситуација во САД, каде, според RSF, под водство на претседателот Доналд Трамп, слободата на известување е во сериозен пад.

Генералната директорка на RSF, Ања Остерхаус, изјави дека независното новинарство е „трн во окото на автократите“ и дека економскиот притисок дополнително ја влошува ситуацијата, бидејќи медиумите се борат за опстанок во дури 160 земји низ светот.

„Ако медиумите финансиски пресушат, кој ќе ги разобличи дезинформациите и пропагандата?“, прашуваат од организацијата.

Овој извештај претставува уште еден повик до властите и јавноста – слободата на медиумите не е даденост, туку нешто што мора постојано да се штити и унапредува.

Слични Објави