Крени глас против врсничко насилство
ОПШТЕСТВЕНО ОДГОВОРНАТА КАМПАЊА НА „МАКПЕТРОЛ“ И ВО ОПШТИНА БИТОЛА
Учениците од 12 основни училишта во Општина Битола ќе имаат можност да учествуваат во работилници против врсничко насилство во рамки на општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, преку активностите насловени „Крени глас против врсничко насилство“. За поефикасна реализација, градоначалникот Тони Коњановски и членката на управниот одбор и директорка во компанијата, Марија Јосифовска-Спасовска потпишаа меморандум за соработка.
Со кампањата „Крени глас против врсничко насилство“, „Макпетрол“ општествено одговорна компанија., цели кон обезбедување поддршка на младите генерации, како клучни за развојот на земјата.
– Приклучувањето на општините, како што сега тоа го прави и Битола, за нас е еден од најзначајните показатели дека вредностите на кампањата се препознати од различните чинители и сегменти во општеството. Тоа ни отвора пат за соработка преку која што заеднички би дошле до решенија во врска со проблемот со булингот, а со крајна цел, тој што помалку да биде дел од животот на младите. Случаите со врсничко насилство се честа појава. Веројатно сите ние, на извесен начин, за тоа сме потполно свесни. За жал, тоа се потврди деновиве. Нашиот пристап ги следи искуствата од земјите кои што подобро се справуваат со врсничкото насилство. Во таа смисла, сите што се дел од вакви случаи, без разлика на улогата, многу веројатно ќе сносат долгорочни последици и затоа на сите нив треба да им се обезбеди поддршка – вели Јосифовска-Спасовска.
Во битолските основни училишта ќе се одржат работилници за булинг. Психолог, којшто изминативе години работи со млади кои што се соочиле со врсничко насилство, ќе ги сподели знаењата и искуствата со учениците, но и со стручните служби. Здобиената едукација тие потоа ќе можат да ја применуваат во секојдневната настава.
Освен работилниците, како пристап којшто на учениците им обезбедува едукација за булингот, но и директна поддршка, дел од соработката со општините е и достава на материјали испечатени од „Макпетрол“. Физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството се формите на булинг, а токму тие се подетално обработени и претставени во споменатите едукативни прирачници. Тие се наменети за децата, но и за нивните родители и наставници.
Информации, совети и искуства поврзани со булингот се содржани на интернет-страницата kreniglas.mk. Како централен дел на кампањата, оваа платформа, за децата, родителите, како и за наставниците обезбедува голем број знаења кои што помагаат подобро да се запознае проблемот со врсничкото насилство. Вебсајтот содржи и интерактивни тестови кои што можат да се решат анонимно. Преку нив секој ќе открие дали бил извршител, жртва или набљудувач на случаи со булинг. На интернет-страницата, исто така анонимно, може да се сподели личната приказна поврзана со врсничкото насилство.