Итна операција изведена во Прилепската болница со тим од „ТОАРИЛУЦ“

Навремената реакција, професионалноста и координацијата меѓу здравствените установи овозможија пациент со повреда на ’рбетот и појава на невролошки испади на долните екстремитети да добие итна и соодветна медицинска помош.

По влошувањето на состојбата на пациентот доцна вечер, директорот на ЈЗУ Општа болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, д-р Кире Јоноски, веднаш стапил во контакт со директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, трауматологот и спинален хирург д-р Игор Мерџаноски, со цел да се обезбеди итна специјалистичка помош.

Благодарение на брзата координација, д-р Игор Мерџаноски, заедно со анестезиологот д-р Александар Димитровски и тим од ТОАРИЛУЦ, пристигнаа во болницата „Борка Талески“ во Прилеп, каде што во соработка со прилепскиот медицински тим беше изведена оперативната интервенција.

Во вакви ситуации нема работно време, нема празник и нема викенд. Постои само една приоритетна задача – да направиме сè што е во наша моќ за пациентот навреме да ја добие потребната медицинска помош. Особено ми е драго што во краток рок успеавме да го мобилизираме потребниот специјализиран тим и заеднички да одговориме на потребата на пациентот. Ова е начинот на кој треба да функционира здравствениот систем – соработка, брза реакција и професионалност, изјави д-р Кире Јоноски, директор на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп.

Оперативната интервенција беше изведена со цел да му се обезбеди на пациентот најсоодветна медицинска грижа и да се спречи понатамошно невролошко оштетување.

Овој пример покажува колку се важни брзата реакција, меѓуинституционалната соработка и достапноста на специјализирани медицински тимови, особено во ситуации кога навремената интервенција е од исклучително значење за здравјето на пациентот.

Министерството за здравство изразува благодарност до д-р Игор Мерџаноски, д-р Александар Димитровски и целиот тим на ТОАРИЛУЦ, како и до д-р Кире Јоноски и колегите од болницата „Борка Талески“ во Прилеп, за брзата реакција, координацијата и посветеноста во грижата за пациентот.

Ваквата подготвеност да се одговори на итна потреба е пример за професионалност, хуманост и одговорност. Соработката меѓу здравствените установи овозможува специјализираната помош да стигне таму каде што е најпотребна.

Зад секоја навремена реакција стојат здравствени работници кои со своето знаење, искуство и ангажман прават разлика.

Слични Објави