„Апсолутно роментично“ во Прилеп – 40 години Чоканче
Во Ликовната галерија преку изложба ќе биде презентиран развојниот пат на легендарната битолска група Чоканче, која годинава одбележува 40 години постоење. Публиката ќе има можност не само да се запознае со богатата историја на бендот, туку и да присуствува на изведба на музички нумери од Чоканче.
Првото појавување на групата е забележано на 12 март 1983 година, на „Рок парадата“ одржана во салата на тогашното кино „Партизан“ во Битола, каде настапиле вкупно 14 локални групи. Со енергичен настап и исклучителен контакт со публиката, Чоканче веднаш се издвојува, а тој настап се смета за момент што трајно ја обележа и промени рок сцената во Битола.
Од 1986 година, групата започнува да настапува со свои авторски композиции, кои биле снимани за Радио Битола и Македонската радио и телевизија. И покрај повремените прекини во активноста, Чоканче останува присутно на сцената повеќе од четири децении, задржувајќи ја својата препознатлива енергија и автентичен звук.
Во периодот 1994–1995 година, во студиото на Миодраг Неќак – МИКС, започнува снимањето на дуплиот албум „Чоканче 1&2“, кој е издаден на аудиокасета и промовиран во клубот „Андерграунд“ во Битола, како и во Домовите на млади во Штип и Скопје. Во 2024 година дел од песните беа реиздадени на винил, а најавено е и нивно издавање на компакт диск.
Низ годините, групата минувала низ повеќе кадровски промени, но секогаш останувала верна на својот карактеристичен звук и став.
Денешниот состав на Чоканче го сочинуваат:
Паљачо, Скрочо, Крчо, Ќебапо и Алеко.



