|

Синдикат на војници поднесе кривична пријава против 14 припадници на АРМ

Независниот синдикат на професионални војници соопшти дека на 20 јануари 2026 година поднел кривична пријава до надлежните институции против 14 припадници на Армијата на Република Северна Македонија, поради сомневања за сериозни злоупотреби во службата.



Според синдикатот, пријавата се однесува на основано сомневање за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, злосторничко здружување и несовесно работење во службата, согласно членовите 353, 394 и 353-в од Кривичниот законик.

Меѓу пријавените се 11 офицери и три подофицери, распоредени во повеќе единици на Армијата. Синдикатот информира дека меѓу нив има командант на 1. пешадиска бригада, командант на 2. пешадиски баталјон, тројца вработени во воената пошта 7925 во Петровец, тројца во ВП 7925/13 во Штип, како и шест членови на дисциплинските комисии во ВП 7925 – Штип.

Како што наведуваат од синдикатот, со нивното постапување била предизвикана материјална штета и врз припадници на Армијата и врз државниот буџет.

Од Независниот синдикат потсетуваат дека и во изминатиот период повеќепати алармирале за непочитување на правата на професионалните војници и за недоследна примена на Законот за служба во Армијата, но, според нив, без конкретна институционална реакција.

Во соопштението се наведува и дека во моментов против синдикатот и неговите членови постапуваат четворица генерали, за кои најавуваат дека во наредниот период ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Синдикатот упати и јавен апел до претседателката на државата и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска-Давкова, да ги преиспита одлуките за унапредувања и поставувања на одговорни воени функции.

Како што истакнуваат, ова е петта кривична пријава што синдикатот ја поднесува против лица вработени во Министерството за одбрана и Армијата, со апел до Основното јавно обвинителство да постапи по сите поднесени пријави.

Слични Објави