Jавните претпријатија интервенираат на повеќе локации во Општина Битола.
Според податоците од мерната станица на хидросистемот „Стрежево“, за 12 часа наврнале 42 литри дожд на метар квадратен, што предизвика зголемени водостои и излевања на помали водотеци. Во акумулацијата „Стрежево“ во текот на еден ден се прибрани околу 3 милиони кубни метри вода.
Екипи на „Нискоградба“, „Водовод“, АД Водостопанство „Битолско поле“, ЈП „Стрежево“ и „Комуналец“ интервенираа од попладневните часови. Најизразен проблем имаше кај излевањето на реката Курделес, со краткотраен застој на сообраќајот кај улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, кој беше саниран во рок од околу еден час.
Интервенции се извршија и во повеќе села и канали (Кравари, Канино, Жабени, Логоварди, Велушка река, Сива вода и други). Денеска продолжува чистење на канали и отстранување на последиците од невремето на повеќе локации.



