СКРМ : Министерот Љутков ги игнорира судските пресуди и колективните договори во културата
Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) реагира остро на најновото „упатство“ донесено од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, обвинувајќи го за свесно непочитување на судските пресуди и колективните договори, како и за директно кршење на владеењето на правото.
Според СКРМ, наместо да ја спроведе правосилната судска одлука со која јасно е утврдено дека платите на вработените во културата треба да се зголемат за 10 отсто согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор, министерот повторно се обидува да ја наметне веќе поништена и незаконска формула, позната како „разлика меѓу август и септември 2023“.
Од синдикатот посочуваат дека токму оваа формула претходно била експлицитно прогласена за спротивна на колективниот договор и на утврдените работнички права, но и покрај тоа, повторно се враќа во употреба преку административно „упатство“.
„Ова не е упатство, туку обид за поништување на правниот поредок во културата“, наведуваат од СКРМ, оценувајќи дека станува збор за свесно и дрско постапување, со кое министерот се поставува над судот, над колективните договори и над законите.
Дополнително, синдикатот укажува дека документот е донесен без јасно наведено авторство, без почитување на административни и правни стандарди, и без претходно свикување на Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, што, според информација на Владата од 9 декември 2025 година, е задолжителен чекор пред носење ваков акт.
СКРМ прашува дали премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со ваквото постапување на министерот и дали тој делува спротивно на насоките на Владата од која е дел.
„Кога извршната власт се поставува над судската, тоа не е управување, туку узурпација“, порачуваат од синдикатот, додавајќи дека министерот нема уставна ниту законска надлежност да ги преиспитува или релативизира судските одлуки.
Синдикатот најавува дека нема да дозволи платите во културата да се пресметуваат по, како што велат, „министерска математика“ и дека повторно ќе ги искористи сите расположливи правни механизми – од управни спорови до иницирање постапки за утврдување кривична одговорност – со цел да се заштитат правата на вработените во културата.
„Со континуирано кршење на законите и колективните договори не се зајакнува кредибилитетот на Владата, туку се нарушува и нејзиниот рејтинг“, се наведува во реакцијата на СКРМ.





