|

КЗК откри договарање на цени меѓу трговски ланци

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) спроведе ненајавен увид во четири големи трговски ланци и една стопанска комора, поради сомневања за нарушување на пазарната конкуренција, соопштија од институцијата.

Како што се наведува, увидот бил извршен врз основа на индиции дека овие субјекти го прекршиле член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата, кој забранува картели и усогласено делување меѓу претпријатија со цел ограничување на пазарната конкуренција.

„При контролата во службените простории на правните лица, извршен е увид во службената документација, како и во средствата за електронска комуникација. Притоа, се пронајдени докази дека овие субјекти донеле незаконита одлука, која јавно ја објавиле преку средствата за јавно информирање“, се вели во соопштението на Комисијата објавено на социјалните мрежи.

Според Комисијата, контролираните субјекти спротивно на законот донеле забранета одлука – договор дека нема да набавуваат производи од добавувачи кои ќе достават нови ценовници, што може да има сериозни последици врз пазарот и потрошувачите.

Поради ова, КЗК поведе прекршочна постапка и најави дека ќе преземе најригорозни мерки против сите нарушувања на конкуренцијата. Воедно, институцијата информира дека продолжува со засилени контроли кај повеќе правни субјекти од синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи.

Следниве чекори во постапката ќе бидат од клучно значење за понатамошниот развој на случајот и можните санкции за инволвираните компании.

Слични Објави