Битолскиот камерен оркестар добитник на Златна Бубамара за најпопуларен оркестар во 2024 година
На 28-то издание на „Златна Бубамара на популарноста“, кое се одржа синоќа во арената „Борис Трајковски“, Битолскиот камерен оркестар ја освои наградата за најпопуларен оркестар во 2024 година. Наградата им ја врачи Ранко Петровиќ, кој во своето обраќање истакна дека ансамблот изминатата година настапувал низ цела Македонија, освојувајќи ги срцата на публиката.
Признанието го прими диригентот Владимир Димовски, кој е еден од возобновувачите на оркестарот и главен иницијатор на бројни музички проекти.
„Оваа награда претставува уште еден доказ дека посветената работа, талентот и врвниот квалитет не можат да останат незабележани. Благодарни сме што во Македонија сè уште се вреднуваат вистинските уметнички квалитети“, изјавија од Битолскиот камерен оркестар, додавајќи дека признанието ќе им биде поттик за уште поголеми ангажмани и нови музички подвизи.
Оркестарот, кој постои повеќе од 12 години, не само што е активен во матичниот град Битола, туку редовно настапува низ целата држава, како и на меѓународни сцени.
Со оваа награда, Битолскиот камерен оркестар уште еднаш ја потврди својата улога како еден од водечките ансамбли во македонската музичка сцена.