Крушево ги пречека и награди победниците на првото државно првенство во планински велосипедизам
Крушево, викендов го привлече вниманието на љубителите на велосипедизмот од целиот Балкан, како домаќин на првото државно првенство во планински велосипедизам – МТБ Маратон. Настанот, организиран од велосипедскиот клуб Energi Cycling и Велосипедската федерација на Македонија, се реализираше според стандардите на Меѓународната велосипедска унија (UCI), ставајќи ја Македонија на светската велосипедска мапа.
Првенството собра над стотина натпреварувачи и рекреативци од земјата и регионот, кои имаа можност да се натпреваруваат на две предизвикувачки рути: мал маратон со должина од 25 километри и искачување од 650 метри, и голем маратон од 75 километри со висинска разлика од 2.000 метри.
Ова е првпат во Македонија да се одржи државно првенство во дисциплината маратон. Натпреварувачите кои се пласираа во генералниот пласман освоија УЦИ поени и се најдоа на светската ранг-листа на Светската велосипедска федерација.
Според многу од учесниците, патеките околу Крушево биле технички предизвикувачки, но одлично обележани, овозможувајќи им уникатно искуство низ недопрената природа на планината Бушева.
Настанот беше организиран во партнерство со Panorama All Seasons Adventure, хотел Панорама, хотел Монтана, Пакомак и Општина Крушево, а финансиски и логистички поддржан од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Посебен акцент беше ставен на еколошката одржливост, при што организаторите се погрижија патеките да бидат чисти и безбедни за сите учесници.












Како дел од натпреварот, беа доделени награди во повеќе возрасни категории. Победници во генералниот пласман се:
Мал маратон – Мажи:
🥇 Дејан Златески
🥈 Александар Јорданоски
🥉 Симон Гоџо
Мал маратон – Жени:
🥇 Мерве Тила
🥈 Катерина Велјановска
Голем маратон – Мажи:
🥇 Александар Милошевски
🥈 Игор Трпковски
🥉 Кирил Марковски
Голем маратон – Жени:
🥇 Дуња Иванова
🥈 Андријана Анастасовска
Со повеќе од 40 километри уредени велосипедски патеки со различен степен на тежина, Крушево сѐ повеќе се профилира како дестинација за авантуристички и спортски туризам. Покрај долгогодишната репутација како центар за параглајдерство, Крушево сега има нова атракција – планинскиот велосипедизам.
Локалната самоуправа, заедно со туристичките капацитети и спортските клубови, вложуваат во долгорочен развој на овој тип туризам, со цел да се зголеми економската активност и да се привлечат домашни и странски посетители во текот на целата година.



