Бесплатен летен камп за деца во Могила
Општина Могила, во партнерство со општествено одговорната компанија „Сокотаб“, ова лето организира бесплатен забавно-рекреативен курс за деца на возраст од 5 до 15 години.
Целта на проектот е да се овозможи квалитетно исполнето слободно време преку спортски, креативни и едукативни активности за најмладите жители на општината. Програмата е наменета за момчиња и девојчиња од Могила и околните населени места.
Активностите започнуваат на 2 јули (среда) на стадион Димко Сараванов – Могилчето во Могила, со почеток во 17:30 часот. Во населено место Добрушево, курсот ќе стартува на 5 јули (сабота) и ќе се реализира на фудбалскиот терен во училиштниот двор.

Програмата ќе се одвива два пати неделно, а децата ќе имаат можност да учествуваат во различни спортски игри, тимски активности и дружења кои ќе го направат летниот распуст поразличен и повесел.
Од Општина Могила информираат дека оваа иницијатива претставува дел од заложбите за промоција на здрави животни навики, спорт и активно детство, а со поддршката на „Сокотаб“ се овозможува пристапност и инклузивност за сите заинтересирани деца.
Организаторите очекуваат голем интерес и позитивна енергија, со порака дека ова лето ќе биде исполнето со нови авантури, смеа и дружба.