Кој нема доказ, ќе плаќа данок и тука
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на денешната прес-конференција ги повика сите граѓани кои оствариле приходи во странство и платиле данок, да достават соодветни потврди во која било даночна канцеларија. Таа нагласи дека постапувањето е од случај до случај и дека од конкретните околности зависи дали граѓанинот има обврска да плати данок во земјава.
Според Петрова, при одлучувањето се зема предвид резидентниот статус на лицето, постоењето договор за одбегнување на двојно оданочување со конкретната држава и даночниот третман на остварениот доход. Таа посочи дека во јавноста има погрешни толкувања, особено за оданочувањето на хонорари, и апелираше да не се даваат генерални заклучоци, туку секој случај да се провери директно во УЈП.
Во врска со реакциите зошто сега се отвораат случаи од 2020 година, Петрова појасни дека рокот на застарување е пет години и УЈП морала да ги процесуира до 31 декември 2025 година. Досега, како што рече, во институцијата немало воспоставен систем за соодветна и навремена анализа на податоците кои пристигнувале од банките.
Таа додаде дека се работело за обемна анализа, селекција на оданочливи приливи и вкрстување со други системи за да се утврди кои граѓани поднеле пресметка. Поради тоа што станува збор за период од пред пет години, УЈП, како што увери Петрова, ќе има разбирање и ќе прифаќа дополнителни докази за платен данок во странство.
Коментирајќи ги протестите на граѓани во Куманово кои работеле во Авганистан и Ирак и најавиле тужба пред Управниот суд, Петрова рече дека протестот и управните спорови се легитимни права, но ги повика граѓаните и во УЈП да ги достават доказите за да се утврди дали платениот данок во странство може да се признае.
За 2020 година, по спроведените анализи, биле испратени над 11.000 покани до граѓани кои работеле во странство. За 6.600 од нив е утврден данок, додека кај останатите било констатирано дека доходот не подлежи на оданочување. Од оние кај кои е утврден данок, 2.200 граѓани самите поднеле пресметка, а за 4.400 се донесени решенија по службена должност. Вкупно утврдениот данок изнесува околу 186 милиони денари, односно околу три милиони евра.
Петрова најави дека ќе следи проверка и за 2021 година, како и за сите наредни години заклучно со 2025. Таа потсети дека Македонија има систем на самооданочување и дека обврската за пријавување на доходот и доставување докази е кај даночните обврзници.
„Секој остварен доход, во земјата или во странство, мора навремено да се пријави. Дури и кога е платен данокот во странство, пријавувањето е неопходно за граѓаните да бидат препознаени од системот и да не се доведат во ситуација да имаат проблеми при остварување други права“, порача директорката на УЈП.



