Пороен дожд и невреме во наредните денови
Под влијание на циклонска активност, утре времето во земјава ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, информираат метеоролозите.
Во текот на денот локално ќе се создава нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На одделни места се очекуваат поинтензивни атмосферски процеси кои можат да прераснат во невреме, проследено со пообилни врнежи од дожд, над 20 литри на метар квадратен, електрични празнења, силен ветер и појава на град.
Според прогнозите, променливо облачното време со сончеви периоди ќе се задржи и во наредните денови. Сепак, и понатаму ќе има услови за локална нестабилност, особено во попладневните часови.
Метеоролозите најавуваат дека во сабота и понеделник повторно се очекуваат поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд, грмежи и локално невреме.
Надлежните препорачуваат граѓаните да бидат внимателни при престој на отворено, особено во подрачјата каде што се очекуваат поинтензивни врнежи и силен ветер.



