На Охридското Езеро откриена најстарата езерска населба во Европа – стара меѓу 6.000 и 8.000 години (ВИДЕО)
Истражувачки тим од Швајцарија и Албанија верува дека на Охридското Езеро ја открил најстаро позната човечка населба изградена на брег на езеро во Европа, стара меѓу 6.000 и 8.000 години. Ова значајно откритие е направено во близина на селото Лин – Албанија, а според археолозите, населбата е за околу 500 години постара од слични праисториски езерски населби откриени во Алпите и Медитеранот.
Археолозите секојдневно нуркаат до три метри длабочина, каде внимателно ги извлекуваат дрвените столбови на кои се темелеле куќите од тоа време. Пронајдени се и керамика со прецизни резби, коски од домашни и диви животни, како и рано изработени бакарни предмети. пренесува „Ројтерс“
„Органскиот материјал е исклучително добро сочуван поради подводните услови, што ни дава вредни информации за начинот на исхрана и земјоделските практики на тие луѓе“, изјави Алберт Хафнер, професор на Универзитетот во Берн.
Населбата се проценува дека се простирала на површина од околу шест хектари и можела да смести неколку стотини жители. Според досегашните истражувања, жителите и натаму ловеле и собирале плодови, но основната исхрана ја добивале преку земјоделие и сточарство – што ги прави значајни носители на неолитската трансформација во регионот.
Охридското Езеро, инаку најстарото езеро во Европа, старо над еден милион години, продолжува да го открива својот уникатен историски потенцијал.
„Со оглед на обемот на локацијата и богатството на артефактите, ќе бидат потребни децении за целосно истражување“, изјави албанскиот археолог Адриан Анастаси, додавајќи дека според начинот на живеење, рибарење, лов и градба, луѓето од таа ера биле импресивно напредни.
Фото – Принт скрин – youtube



