Продолжен рокот за легализација до 2031 година

Со 67 гласа „за“, пет „против“ и без воздржани, Собранието на Република Северна Македонија на својата 85. седница, по скратена постапка, ги усвои измените на Законот за постапување со бесправно изградените објекти, со кои рокот за завршување на постапките за легализација се продолжува за дополнителни пет години.



Според досегашното законско решение, крајниот рок за решавање на поднесените барања беше 3 март 2026 година. Со новите измени, рокот се пролонгира до 3 март 2031 година, со што институциите добиваат вкупно 20 години за финализирање на постапките по барањата поднесени до март 2011 година.

Од предлагачите на измените појаснуваат дека со ова законско решение не се менуваат условите за легализација, ниту пак се отвора можност за поднесување нови барања за дивоградби. Целта, како што наведуваат, е да им се овозможи на надлежните институции да ги завршат веќе започнатите постапки за граѓаните кои навремено поднеле документација, но сè уште немаат добиено решение.

Барањата за легализација можеа да се поднесуваат најдоцна до март 2011 година, а институциите имаа законски рок од 15 години за нивно решавање. Со најновите измени, тој рок практично се продолжува за уште пет години.

Од опозициските партии реагираат дека наместо пролонгирање на роковите, потребна е целосна реформа на системот за градење и урбанистичко планирање, со цел да се спречат идни бесправни градби и да се воспостави поефикасен и транспарентен систем.

До 3 март 2031 година институциите ќе треба да ги решат сите поднесени барања за легализација, без можност за поднесување нови апликации. Со тоа, процесот што започна пред речиси две децении добива уште една временска рамка за негово конечно затворање.

Слични Објави