Измените на ГУП треба да го откочат урбаниот развој на Прилеп
Додека стотици семејства и стопанственици во Прилеп со години чекаат правна разрешница, околу 1.000 предмети за легализација на бесправно изградени објекти остануваат во неизвесност. Продолжувањето на рокот зависи од измените на Законот за легализација, кој во моментов е во второ собраниско читање.
Иако постојат реакции во јавноста околу законската основаност на новото продолжување, засега тоа е единствената можност овие случаи конечно да бидат решени. Доколку законските измени бидат усвоени, предметите би можеле да добијат епилог во наредните пет години.
Паралелно со неизвесноста околу легализацијата, од Општина Прилеп најавуваат чекор кој директно треба да го деблокира урбанистичкиот развој – измена и дополнување на текстуалниот дел од Генералниот урбанистички план, кој формално истече во 2023 година.
Во наредните два месеци се очекува да заврши постапката за измените, со што ќе се продолжи важноста на постојниот ГУП до донесувањето на нов во рок од три години. Со тоа планот ќе се усогласи со деталните урбанистички планови што се во изработка, а процесот на издавање градежни дозволи, кој во изминатите осум години беше значително забавен, конечно би требало да се откочи.
Во моментов во фаза на донесување се 18 ДУП-ови за градот Прилеп и 29 за околните населени места. Локалните стопанственици и домаќинства очекуваат токму овие измени да овозможат зголемување на бројот на градежни дозволи, нови инвестиции и поинтензивен економски развој.
Додека се чека одлуката во Собранието за легализацијата, пролетта би можела да донесе нов урбанистички импулс за Прилеп.



