|

На „Прочка 2024“ во Прилеп, продефилираа 23 уникатни маски

Прилепскиот маскембал „Прочка 2024“ го одбележа своето дваесет и второ издание со впечатливо дефиле на 23 групни и поединечни маски.

Прилепските Мечкари – симболот на „Прочка“ во Прилеп, го отворија дефилето со својата стандардна маска – Мечкари, која традиционално и неизбежно е резидентна секоја година на фестивалот „Прочка“ и е вон конкуренција на маскембалот.

На фестивалот можеа да се видат и мажоретките од Кавадарци, стоногалки, кученца далматинци, зомби, пирати, весели тотеми, аватари и што уште не, но не беа изоставени и маските кои ја претставија старата некогашна Прилепска чаршија со занаетчиите, како и оние традиционалните маски, без кои ниту една „Прочка“ не може да помине, а кои ги претставуваат Македонските традиции, историја и етнологија.

Жирито имаше сериозно тешка задача оваа година. Најпосле, неколку часа по завршувањето на дефилето на маските, ова беше нивната конечна одлука:

  • Гран при награда – градинка Наша Иднина, маска: Тутуноберачите
  • 1. место – ООУ Рампо Левката, маска: Весела дружина на водното царство
  • 2. место – ООУ Добре Јованоски, маска: Мајкл Џексон
  • 3. место – ООУ Круме Волнароски Тополчани, маска: Вечна Македонија
  • Награда за поединечна маска – Мила Спиркоска – ученичка во ООУ Климент Охридски, маска: Мистик

Имавме прилика да се запознаеме со 12-годишната Мила, која нѝ раскажа дека костимот Мистик го спремала речиси цела година. Почнала со идејата за истиот, потоа нацртала скици, а последниве неколку месеци го изработувала и го спремала својот перформанс, на кој срдечно ѝ се придружи и мимичарот Мето.

И покрај неколкуте обиди на дождот да му пречи на настанот, „Прочка 2024“ со одржа успешно, што потврди дека Прилепчани не се откажуваат така лесно, Македонските традиции и култура сѐуште виреат, а младите генерации од срце и безусловно ги практикуваат.

Слични Објави