Инспекторите на терен – Се следи порастот на цените

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и вршат контроли кај производителите, дистрибутерите и трговците, со цел да утврдат дали има пораст на цените на прехранбените производи по укинувањето на мерките за ограничување на бруто-профитната маржа и замрзнување на цените. Ова денеска го соопшти министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на прес-конференција.

Тој истакна дека, доколку инспекциските служби утврдат неосновано зголемување на цените, Владата не ја исклучува можноста повторно да воведе регулативи, овојпат со построги услови.

„Инспекторите се на терен за да утврдат дали има девијантно однесување – односно зголемување на цените на прехранбените производи. Доколку се утврди такво нешто, ќе следуваат поригорозни мерки“, изјави Дурмиши.

Меѓу можните мерки, како што додаде министерот, се повторно ограничување на маржата, зголемување на дозволениот процент на заработка или вклучување на дополнителни производи на листата со ограничени цени.

Одговарајќи на новинарско прашање што се смета за „енормно зголемување“, министерот појасни дека доколку се забележи раст на цените од 10, 15 или 20 отсто кај одредени производи, секторот за економија ќе ги анализира тие податоци и врз основа на тоа ќе се носат нови одлуки.

На крајот од месецот, ДПИ ќе изготви извештај кој ќе биде доставен до Министерството и Владата.

Покрај ова, министерот најави и можни измени на законската регулатива, кои би му овозможиле на ДПИ да врши инспекциски надзор и на зелените пазари, со цел да се спречи црната економија и трговијата без фискални сметки.

Дурмиши се осврна и на податоците од Државниот завод за статистика за инфлацијата, според кои таа изнесува 0,6 отсто во април споредено со март, што, според него, укажува на стабилност на економијата и отсуство на енормен раст на цените на прехранбените производи.

Во однос на прашањето што ќе се преземе ако фирма со мал број вработени остварува голем обрт, Дурмиши најави дека ќе се направи анализа за евентуално усогласување на законските норми.

Слични Објави