Голем успех за Македонија: Котевска и „Приказната за Силјан“ блескаат на ИДА 2025

Македонската режисерка Тамара Котевска е меѓу најистакнатите имиња на годинашните Меѓународни документарни награди (IDA Awards 2025), по објавувањето на номинациите во Лос Анџелес. Нејзиниот нов документарен филм „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), продукција на „National Geographic“ и копродукција меѓу Македонија, САД и Велика Британија, освои три престижни номинации.



Филмот се најде во конкуренција за Најдобар долгометражен документарен филм, една од најзначајните категории на фестивалот, додека самата Котевска е номинирана за Најдобар режисер, со што повторно се позиционира меѓу водечките автори на светската документаристика.

Дополнителна статуетка би можела да стигне и за визуелниот дел на филмот – снимателот Жан Дакар е номиниран во категоријата Најдобра камера, што претставува уште едно меѓународно признание за тимот.

Оваа година конкуренцијата беше рекордно силна, со над 550 пријавени филмови од 85 земји. Наместо традиционалните потесни избори, жирито додели директни номинации и специјални спомени. Меѓу водечките проекти се американскиот „Апокалипса во тропските предели“ со четири номинации, како и „Живот после тоа“, „Семки“ и „Приказната за Силјан“, секој со по три номинации.

Номинациите за Котевска доаѓаат по глобалниот успех на „Медена земја“, филм кој ѝ донесе две номинации за Оскар и го смести македонскиот документарец на светската мапа.

Церемонијата на доделување на наградите ќе се одржи на 6 декември во Лос Анџелес.

Режисерката која беше номинирана за Оскар за филмот „Медена земја“, Тамара Котевска , овој пат во филмот „Силјан“ ја раскажува приказната за односот на еден земјоделец со бел штрк, испреплетена со македонските народни приказни.

Во нејзиниот деби филм од 2019 година, Honeyland, режисерката Тамара Котевска го долови Нејзиниот најнов филм, Приказната за Силјан, велат критичарите, покажува дека раскажувачките дарови на Котевска само се засилиле во ова чудно и зачудувачко ново дело сместено Македонија.

Во филмот ги среќаваме земјоделците Никола и Јана за време на сезоната на берба. Нивната љубовна разиграност едни со други е ретка за една постара двојка. Но, нивната идила е загрозена бидејќи економските сили ги прават семејните фарми неодржливи. Додека остатокот од семејството на Никола оди на работа во странство, тој е оставен сам и се свртува кон грижата за еден штрк со скршено крило.

Насловот на филмот се повикува на народна приказна за момче по име Силјан кое по расправијата со својот татко е претворено во штрк. Легендата има паралели со искуствата на Никола и неговиот син кој живее во странство.

Во овој документарец, вели еден критичар, Котевска работи во свој регистар, употребувајќи поезија наместо дидактика. Постојат визуелни моменти толку впечатливи, што би можеле да се врамат како фотографии во музеј. Слично на тоа, нејзините ликови од реалниот живот се толку експресивни, што би можеле да замислите дека се актери. Приказната за Силјан има моќ да ни ги отвори очите и срцата за животи што инаку би ни недостигале.

Слични Објави