ЦУК: Вкупно 38 пожари на отворен простор, 7 сè уште активни во Чучер Сандево, Прилеп, Македонски Брод

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека заклучно со 07:30 часот на 11 јули 2025 година, низ територијата на државата се евидентирани вкупно 38 пожари на отворен простор, од кои 7 се активни, 4 се под контрола, а 27 се целосно изгаснати.



Според податоците од ЦУК, најсериозни активни пожари се бележат:

  • во општина Чучер Сандево, помеѓу селата Блаце и Горњани, на потегот „Рамна шума“,
  • во општина Прилеп, кај село Бешиште,
  • во општина Македонски Брод, на две локации – помеѓу Црешнево и Локвица, и во село Крапа,
  • во Дојран, кај селото Николич,
  • во општина Чашка, под Солунска Глава, каде се појавува чад на карпест терен,
  • и во Тетово, кај бензинската пумпа „Окта Петрол“, каде што гори нива.

Во моментот четири пожари се под контрола, меѓу кои се евидентираат и интервенции во селата Слатина и Рамне (општина Македонски Брод) и депонијата во Делчево.

Во текот на вчерашниот ден и ноќта биле изгаснати 27 пожари, најчесто во ниска вегетација, запалена трева и ѓубре, во општините Шуто Оризари, Аеродром, Кисела Вода, Струмица, Велес, Кочани, Куманово, Крива Паланка, Тетово, Прилеп, Долнени и други.

ЦУК апелира до граѓаните да бидат крајно внимателни и одговорни, да избегнуваат активности кои може да предизвикаат пожари и да ги пријавуваат сите забележани огнени жаришта на бројот 112 или во најблиската противпожарна единица.

Слични Објави