Успешните македонски практики презентирани на меѓународниот форум за социјални услуги
На 17 и 18 ноември, во Тирана, претставници од нашата држава – државниот секретар на Министерството за социјална политика, демографија и млади; градоначалниците на општините Кривогаштани и Градско; директорот на Центарот за социјална работа Прилеп; како и Здружението Центар за развој и едукација Прилеп – зедоа активно учество на меѓународниот форум „Иновативни социјални услуги – Пат до инклузивност“. Настанот беше организиран од Министерството за здравство и социјална благосостојба на Албанија, Федералното министерство за труд и социјална политика на Австрија и УНИЦЕФ Албанија.
Форумот беше посветен на размена на иновативни практики базирани на човековите права во развојот на социјалните услуги, како и на креирање модели кои ги адресираат реалните потреби на ранливите групи на граѓани.
На овој значаен настан, Марина Тошеска од Здружението Центар за развој и едукација Прилеп ја претставиуспешната приказна за социјалните услуги „Помош и нега во домот“ и „Медицинска сестра во заедницата“ во рамките на Проектот ТРАНСАКТ, кои континуирано покажуваат позитивни резултати. Овие услуги се пример за силна, функционална соработка меѓу граѓанскиот сектор и локалните институции – Општина Прилеп, Општина Кривогаштани, Општина Долнени и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Прилеп – со заедничка цел: воспоставување и испорака на квалитетни социјални и здравствени услуги достапни за сите.
Институции и организации од Австрија и Албанија споделија искуства за: модернизација на социјалните услуги;
пристапот до услуги како основно човеково право; улогата на локалната самоуправа во зајакнувањето на заедниците; важноста од инклузивни, одржливи и висококвалитетни модели на грижа и поддршка.
Форумот овозможи размена на добри практики, но и согледување на предизвиците со кои се соочуваат креаторите на политики, институциите и давателите на социјални услуги во обезбедувањето на сеопфатна грижа за ранливите групи на можности, потенцирајќи ја важноста од заедничката соработка за креирање на решенија кои ќе донесат позитивни резултати и долгорочна одржливот.



