|

Општина Битола бара 800 милиони денари за 36 клучни проекти

Од Општина Битола информираа дека до Министерството за локална самоуправа биле доставени вкупно 59 апликативни формулари за 36 различни објекти, со цел обезбедување средства преку Јавниот повик од Потпрограмата АА на Владата за финансирање на приоритетни локални проекти. Проектите се од особено значење за граѓаните и за понатамошен развој на локалната инфраструктура. Вкупната вредност на аплицираните проекти надминува 800 милиони денари.

„Општина Битола, денес до Министерството за локална самоуправа достави 59 апликативни формулари за 36 различни објекти, за кои општината во изминатиот период изготви проектна документација за аплицирање на новиот Јавен повик за изразување на интерес од страна на општините за финансирање на инфраструктурни проекти од Потпрограмата АА.

Преку овие апликации Општина Битола има за цел да обезбеди финансиска помош за реализација на приоритетни проекти кои се од големо значење за граѓаните и локалниот развој.

Предвидените проекти опфаќаат реконструкција на голем број улици во градот и населените места во општината. Во дел од нив, покрај коловозот, реконструкцијата опфаќа промена на канализационата и водоводната мрежа.

Проектните апликации вклучуваат и изградба на три спортски сали во основните училишта „Стив Наумов“, „Тодор Ангелевски“ и во ПОУ „Даме Груев“ во с. Долно Оризари, како и 10 спортски игралишта во училиштата, со соодветно осветлување.

Во однос на спортските терени, предвидена е изградба на атлетски патеки и борилиште во стадионот „Петар Милошевски“.

Дел од апликациите се и повеќе други проекти, со што вкупната вредност на аплицираните проекти е над 800.000.000 денари.

Повикот за аплицирањето до соодветните министерства трае до 30 април, по што министерствата ќе ги соопштат одобрените апликации за проекти.

Слични Објави