Тутунскиот комбинат Прилеп започнува со откуп на тутун од 18 ноември

На 18 ноември, Тутунскиот комбинат Прилеп ќе започне со откуп на тутун од годинашната реколта, информираше денеска на прес-конференција директорот Александар Алексовски. Според него, како откупна компанија во државна сопственост, подготвени се за старт на сезоната, со обезбедени финансиски средства за договорените 2,3 милиони килограми тутун.



– На 18 ноември ќе бидат отворени 34 откупни места со 37 регистрирани ваги. Годинава планираме откупот да биде за 35 проценти поголем отколку лани. Цените се дефинирани: 420 денари за прва класа, 360 за втора и 300 за трета класа. Доколку во текот на откупот цените се зголемат, тутунарите ќе бидат дополнително исплатени – рече Алексовски.

Динамиката на плаќање ќе остане непроменета, со исплати двапати неделно, секој вторник и петок, што се покажа како успешна пракса од минатата сезона.

Директорот оцени дека годинашниот род на тутун е со одличен квалитет, што го потврдуваат и тутунарите и експертите. Проблем може да се појави само со подоцнежниот собран тутун, кој нема да има ист квалитет. Проценката на класи е важна мерка за стимулирање на подобро производство и е позитивно оценета и од тутунарите, но и од откупните претпријатија.

Алексовски посочи дека мерката на Владата за забрана за откуп од страна ќе ги заштити тутунарите, обезбедувајќи приоритетно откупување на домашното производство.

Тутунскиот комбинат годинава остварил позитивна добивка, со целосно продаден лански откупен тутун. Исто така, производството на цигари е зголемено за 35 проценти, што е позитивно за компанијата. Вработените во комбинатот моментно изнесуваат 360 лица.

Фото – Музеј за тутун

Слични Објави