|

Проданоски: Корекциите на улицата „Александар Македонски“ се направени без дополнителни средства од општинскиот буџет

По реакциите на жителите, институциите и деловните субјекти на улицата „Александар Македонски“ во Прилеп, беа реализирани корективни зафати на патната инфраструктура.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, информира дека корекциите на улицата „Александар Македонски“ се реализирани без дополнителни финансиски средства од буџетот на општината.

„Извршените корекции се направени без никакви дополнителни финансиски средства од буџетот на Општината. Истите се реализирани од страна на изведувачот, врз основа на нашите забелешки и барањата на граѓаните. Секој договор мора да се почитува, а обврска на изведувачот е да ги отстрани недостатоците кои ќе се појават по изведбата на работите“, истакна Проданоски.

Тој додаде дека приоритет на локалната самоуправа останува изградбата на квалитетна инфраструктура и решавањето на реалните потреби на граѓаните.

Корективните зафати следуваа по реакциите на жителите и деловните субјекти на улицата „Александар Македонски“, каде беа извршени замена на ивичњаците и нивелирање на шахтите со цел подобрување на пристапноста и безбедноста.

Следењето на ваквите теми и поставувањето прашања во интерес на јавноста е дел од транспарентноста и отчетноста на институциите, но и одговорност кон граѓаните кои очекуваат квалитетни и функционални инфраструктурни решенија.

Слични Објави